Го обожаваме релаксираниот гламур на Брендон Максвел

17 февруари 2018

Една од колекциите што ни остави впечаток од изминатата модна недела во Њујорк е онаа на Брендон Максвел.

Како изјави самиот, во колекцијата сакал да го постигне ефектот на релаксиран гламур. Еден од омилените дизајнери на Мишел Обама успеа во намерата да создаде парчиња во кои ќе се пронајде секоја современа жена.

Успешноста во неговата колекција е што прикажа комбинации кои можат да се носат во разни пригоди. Би било одлично кога колекцијата, од првото до последното парче, би можела да се најде во плакарот на секоја жена.

Тајната е во едноставноста, со елементи што даваат доза на гламур. Забележливи се елементите од осумдесетите (светкавите панталони) и деведесетите (едноставните фустани на прерамки), но спакувани во современ конктест.

Плетенини, џинс, лелеави ткаенини, кадифе, свила, се дел од ткаенините кои ги користи и ги спојува во иста приказна, создавајќи фустани, кошули, здолништа, комбинезони, мантили... за секојдневните потреби на активните жени.

Ќе се осмелиме да кажеме дека во пристапот на Брендон потсетува на Мајкл Корс, иако таргет групата на Максвел веројатно се жените од неговата генерација (30-тите). Корс сè уште го држи приматот за секојдневна софистицираност и  женственост дури и при деловните комбинации. 

Погледнете ја целата колекција и кажете ни ги вашите впечатоци?

Објавено:
17 февруари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
975 пати