„Гучи“ за старт на Миланската модна недела

22 септември 2016

Модната недела во Милано започна вчера, а ревијата на „Гучи“ е несомнено добар вовед во наредните десетина дена.

Алесандро Микеле ја презентираше колекцијата за пролет-лето 2017 година. Првите впечатоци? Може да се рече поделени.

Тие што ја сакаат оваа модна куќа, секогаш ќе го „аминуваат“ тоа што ќе излезе како производ. Другите пак ќе дадат по некоја критика, што беше случај и овој пат.

Несомнено е дека и Микеле чувствува притисок, особено имајќи превид каква ренесанса доживеа модната куќа по неговото доаѓање. Исто така, претходната колекција беше една од најпродаваните, па да се одржи нивото не е воопшто лесно.

Ако зборуваме за презентацијата и атмосферата, дизајнерот ги исполни очекувањата. Розови ѕидови и килими, огледала насекаде, Микеле направи симулакрум на диско од 1970-тите, во кој чекорат дотерани луѓе со скршени срца. За впечатокот придонесоа и 3Д поканите, розевите амбиентални светла, чадот, како и поезијата на Вилијам Блејк, чии стихови ги презентираше кој друг ако не Флоренс Велч, со соодветна музика.

-Го знаете тоа чувство кога се наоѓате во диско-клуб, вљубени сте, но не сте на вистинското место, бидејќи вистинската личност не е таму? – изјави дизајнерот пред почетокот на шоуто, објаснувајќи што сакал да постигне со атмосферата и од каде инспирацијата.

Без разлика како ова ви звучи, тој својата замисла ја спроведе во успешна реализација, барем кога е просторот во прашање.

А што се однесува до колекцијата, може да се рече дека потсетува во многу нешта на претходните две. Повторно влијанието од 1970-тите е присутно, како и романтичноста и влијанието од Ренесансата. Изобилство на интензивни бои и карнери, големи очила и препознатливите панделки.

Она што модните стручњаци го препознаваат како новитет, се фустаните со високи околувратници и широки кроеви, со што се добива силуета на „столб“.

Ако претходната сезона се воодушевувавме на парчињата, може да се рече дека во оваа ревија, покрај тешката љубовна атмосфера, воздишки измамија и модните додатоци. Очилата за сонце и чантите се нешто што дефинитивно би сакале да го носиме следната пролет. Исто така, мора да се признае, дека деталите се изработени мошне вешто и внимателно и ништо не е оставено на случајот, за што воопшто и не треба да се размислува.

Со помешани чувства за најновото од „Гучи“, веруваме и очекуваме дека вистинскиот предизвик и нов креативен наплив на Микеле допрва доаѓаат.

А на вчерашниот прв ден од модната недела, покрај оваа модна куќа, се претставија и Алберта Ферети и „Роберто Кавали“.

 Алберта како и секогаш понуди женствена и романтична колекција во која изобилува тантелата. Во по малку шпански стил, Ферети за следната пролет предлага здолништа со карнери и кратки корсети. Ременот е задолжителен моден додаток.

И „Кавали“ не избега од својата препознатливост. Доминираат силуети и комбинации кои ве враќаат во серијата „Лудите 1970-ти“. Многу принтови, вклучувајќи го и секогаш омилениот животински, многу боја, многу шаренило. Питер Дандас ѝ даде примат на пачворк техниката, а изјави дека посебно омилени му се американските ткаенини, како на пример Навахо ќебињата. Без оглед на ексклузивноста и посветеноста на овие парчиња, ние некако стануваме презаситени од естетиката на 1970-тите.

Изминативе неколку сезони изобилуваа со инспирација од оваа декада, но веќе е време тоа да се промени. Се надеваме дека следните денови и ревии на Миланската модна недела ќе нѐ изненадат повеќе во позитивна смисла.

Објавено:
22 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
163 пати