Традиционално, за крајот на модната недела во Њујорк е резервирано шоуто на Марк Џејкобс. Имајќи ги предвид дека тој секогаш прави модни спектакли и има необични идеи, сите со нетрпение очекуваа да видат што смислил дизајнерот за следната есен-зима.

И повторно му успеа да ги изненади сите, но не со спектакл, туку со отсуство на истиот.

Џејкоб одлучи оваа ревија да оджи на улица, без музика, впечатлива шминка или фризури. Инаку, интересен е податокот дека ревијата траела помалку од пет минути, а снимањето со телефони било строго забрането.

Секако дека ова улично шоу не е поткрепено без добра приказна. Неодамна Марк за странските медиуми изјави дека инспирацијата за колекцијата, која инаку го носи името „Respect“, ја нашол во серијата „Hip-Hop Evolution“.

А има ли подобро место за славење на корените на овој стил од улицата? После критиките од последната ревија, кога бели модели носеа „суканици“, инспирирани од rave културата, овој пат Џејкобс не остави простор за негативни коментари.

За уличното хип-хоп шоу ангажираше модели од различни раси. Марк многу добро ја истражувал темата, што се забележува не само по амбиентот, туку и по комбинациите. Широките силуети доминираат, како и присуството на бунди како одраз на богатството кое потоа хип-хоперите го исмејуваа преку своите песни.

Нема потреба да се нагласува присуството на златните нијанси. Особено внимание посветил на модните додатоци, па масивните златни ланци со симбол на долар ги модернизираше, вметнувајќи нови форми и скапоцени камења. Колекцијата не би била комплетна без качкетите, кои исто така попримија нова, поиздолжена форма.

Повеќето дизајнери на оваа модна недела се трудеа да упатат порака кон Трамп и да ја истакнат важноста на различноста, но изгледа Џејкобс тоа највешто и истовремено и најјасно го направи, намерно или не.

Тој исто така им покажа колку една навидум тивка колекција може да биде гласна. 

Објавено:
17 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
148 пати
Извор: 
Vogue.com