Хорор драма од Живанши

24 јануари 2015

Новата колекција за мажи на Рикардо Тиши за Живанши презентирана на Париската модна недела, го продолжи трендот на анулирање на границите помеѓу машката и женската мода.

Прво што се забележува во зимската линија за 2015 на престжниот бренд, е дозираната женственост прикажана преку слоевитите комбинации на спарени панталони со здолништа со едноредно закопчување и висок струк. Андрогениот изглед масовно е присутен во глобалната модна индустрија, па се почесто во машката мода се забележува феминизиран пристап во креирањето на стилот на современиот маж, што понатаму прави поделба на мислењата на критичната јавност.

Остататокот од колекцијата е доведен до перфекција. Драматична, мрачна, со повремени племенски мотиви, совршени кроеви и богата слоевитост.

Маските како да станаа заштитен знак за дизајнерскиот профил на Живанши. И овој пат не изостанаа, покажувајќи дека зад скриениот идентитет, модата на Рикардо Тиши припаѓа секому.

И покрај здолништата и плетенините стилизирани во женствен фазон, целосната слика за колекцијата зборува за моќен и мистичен маж. Наместо урбаниот уличен стил, сега на голема врата е вратена гламурозната и помалку мрачна романтика.

Современиот маж на Живанши е облечен во слоевит костум со суптилни тенки риги, сакото е украсено со необични беџови, а под совршено скроените палта со средна должина, ѕиркаат плетенините.

Во оваа линија посветена на машката мода, имавме можност да видиме и неколку воодушевувачки женски модели – своевидна женска верзија на остатокот од колекцијата.

Раскошните фустани, претежно во готик стил, се исто толку мрачни и мистични колку и „тешката“ шминка која продолжи да ја раскажува  хорор приказната на дизајнерот и преку женските модели. Во вториот дел од ревијата, доминираа племенските мотиви, па фустаните со богати принтови беа дополнително обагородени со масивен накит и крзно.

Објавено:
24 јануари 2015
Категорија: 
Колекции