Историско и емотивно финале – последната колекција на Лагерфелд за Шанел стави печат на Модната недела во Париз

6 март 2019

Вчера во Париз се случи веројатно една од оние ревии кои остануваат да се раскажуваат како легенди во модниот свет –последната колекција на модната икона Карл Лагерфелд за Шанел, збогум кое стави печат не само на Модната недела во Париз, туку на една цела ера во модната индустрија.

По едноминутниот молк и силниот набој на емоции присутен меѓу модната елита сместена во првите редови, „Grand Palais" го исполни гласовна порака од дизајнерот во која вели „Тоа е како да се движите во уметничка слика", најавувајќи го стартот на шоуто.

За ова големо финале, Карл нè вивна високо во планинските врвови, во амбиент на зимска алпска идила, дистанцирана од реалноста и блиску до рајот, како што прокоментираа многумина по ревијата.
На седиштата како посвета за секој присутен гостин, беше оставена скица со илустрација на Карл и Коко Шанел, надополнета со зборовите „the beat goes on..."

А ритамот што го следеше колекцијата беше емотивен и отмен истовремено. Препознатливо за генијалноста на Карл беше тоа што секогаш умееше прагматичноста да ја спои со луксузот, па оваа негова последна колекција за Шанел е со таков предзнак, неверојатно луксузна и уште поневеројатно нослива. Твид како знак на препознатливост, богатство од кроеви и луксузни материјали, пепито дезен како есенција...

Ревијата ја отвори една од неговите најинспиративни музи, манекенката Кара Делевињ, но таа не беше единствената негова блиска пријателка што се појави на писта, туку продефилира и Пенелопе Круз и Каја Гербер од новата генерација манекенки. Освен пријателките на писта, тие во енормно голем број беа во публика – неговите музи, соработници, колеги, холивудски ѕвезди – нивното присуство беше во знакот на последното збогум со Карл.

За потсетување, големиот дизајнер почина на 19 февруари, на 85-годишна возраст, а на неговото место на функцијата креативен директор во Шанел дојде неговата долгогодишна соработничка Вирџини Вард.

„the beat goes on..."

 

Објавено:
6 март 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
802 пати
Тагови: 
Шанел