Јована Филиповиќ ја промовираше колекцијата за актуелната сезона

25 ноември 2017

Вчеравечер во изложбениот салон на студиото „Think" во Дебар Маало, во еден концептуален и интимен амбиент, дизајнерката Јована Филиповиќ ја презентираше својата нова колекција наменета за актуелната сезона, есен-зима 2017/18, инспирирана од Арт Деко периодот и работата на францускиот дизајнер и артист Romain de Tirtoff - Erte.

Препознатливиот креаторски израз преку симплифицираните линии и минималистичките кроеви ја дефинира базичната естетика на оваа колекција во која подеднакво се присутни деловни и коктел парчиња со урбан предзнак, со отворена можност меѓусебно да се комбинираат.

Не беше изоставен ниту храбриот сексапил, карактеристика во дизајнот на Јована Филиповиќ, присутен преку мини должината на здолништата, длабоко отвореното деколте во V израз како и парчињата со отворен грб.

Покрај кратките здолништа, претежно со висок струк и асиметричен крој, во колекцијата беа имплементирани и неколку макси фустани со висока јака, со акцент на широките ракави, како и елеци со миди должина, кратки шорцеви со висок струк и капути со нагласена половина.

Палетата на бои варира од монохроматски, суптилни нијанси, сива, бела, доминантната црна и сребрена, па се до бои со интензивен израз, присутни и во колор-блок комбинациите.

Колекцијата е заокружена со накит во геометриски форми комбинирани со синџири, со кои се надоградува минималистичката естетика на линијата.

 

Објавено:
25 ноември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.114 пати