Како ќе изгледа следната пролет низ очите на брендот Оскар де ла Рента

11 септември 2019

Доминиканската Република, родната земја на големиот дизајнер Оскар де ла Рента, беше дестинацијата каде неговите заменици Лаура Ким и Фернандо Гарсија, отпатуваа по инспирација за новата пролет-лето колекција што беше промовирана на Модната недела во Њујорк.

Уште откако ја превземаа функцијата на креативни директори на брендот, дизајнерското дуо создава колекции преку кои се интерпретира нивното доживување на одредена земја или место.

Овој пат се упатија во Санто Доминго, каде ги истражуваа корените на доминиканската традиција и доживувањето го пренесоа преку исклучителни креации во кои акцентот е ставен на рачните везови, богатите материјали, пачворк техниката и егзотичните бои.

Во развојот на колекцијата ќе забележите дека се започнува со лежерна нота, аутфити за на плажа, опуштени дневни комбинации, па како се развива приказната, добива пораскошна слика, за да заврши со екстравагантни фустани за црвен килим.

Женствена, лелеава, егзотична – колекција во која се препознава класичниот Оскар де ла Рента израз, но истовремено и современото доживување на модната куќа на модерната жена.

Објавено:
11 септември 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
371 пати