Колоритната слоевитост на Том Форд

7 февруари 2019

На Њујоршката модна недела, од каде стартува маратонот на кој ќе бидат прикажани дизајнерските колекции за есен-зима 2019, меѓу првите беше прикажана колекцијата на Том Форд.

Модната критика вели дека во оваа колекција се насетува смирената страна на дизајнерот, кој инаку е препознатлив по бескомпромисниот сексапил. Овој пат гледаме дозирана елеганција, распределена слоевито и колоритно.

Како што пренесува Вог, Форд вели: Се чувствувам фрустрирано и уморно. Не сакам да носам ништо премногу предизвикувачко или претерано агресивно...

Со оваа негова изјава се објаснува и смирената хармонија во неговата нова колекција, во суштина одразувајќи ја неговата лична потреба за симплификација.

Првата половина од колекцијата ја дефинира слоевитиот спој на панталони во широк крој со ролки, кошули и крзнени капути, за да во втората половина се стави акцент на женствените фустани во чисти линии и асиметрични кроеви, во градација на нијанси од монохроматски до пастелни.

Објавено:
7 февруари 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
732 пати
Тагови: 
Том Форд