Ресорт колекциите се секогаш посебно доживување за љубителите на модата. Модните куќи се натпреваруваат кој ќе направи поголемо шоу, а дури потоа се анализира за тоа какви се презентираните парчиња.

Лагерфелд наметна посебни критериуми кога е презентацијата во прашање, па затоа од него се очекува секогаш повеќе.

Дизајнерот не се одлучи да оди во некое егзотично или посебно место. За потсетување, „Шанел“ досега одржувал модни шоуа (ресорт) во Хавана, Дубаи, Сингапур, Сеул, a овој пат остана доследен на Grand Palais, но затоа посебноста ја донесе таму. Античка Грција е темата на шоуто, а тимот на модната куќа се погрижи амбиентот да изгледа што поавтентично.

За таа цел направена e реплика на храмот на Посејдон, прилично веродостојна. Присутните на вчерашното шоу коментираат дека имале чувство дека се туристи на некој филмски сет, или природно-научен музеј. „Столчињата“ биле поставени помеѓу импровизираните рушевини, а сноповите светлина од моќните светла создаваle илузија на медитеранско сонце.

-Ова нема никаква врска со Грција како држава. Реалноста мене ме интересира. Го користам тоа што ми се допаѓа. Мојата Грција е идеја за мојата Грција“, истакнува дизајнерот.

Коко Шанел пак, своевремено pak велеше дека „За да ја создадеш иднината, мора да обрнеш внимание и на минатото“, а токму тоа е и една од водечките мисли за создавањето на оваа колекција наречена „Современоста на Антиката“ (La Modernite de l’Antiquite) .

Во контекст на ова, Лагерфелд ги искористи познатите гладијаторки, но им даде нов, помодерен изглед, во ведри бои.

Присутните на пистата можеа да видат современа врзија на грчките божици. Лелеави силуети, драпирање, асиметрични креации на едно рамо, златни украси и светли бои, но и модни додатоци што го засилуваат впечатокот.

Тука посебно мислиме на додатоците за коса и чантите што ја заокружија приказната.

Сепак, еден дел од колекцијата ги вклучуваше и креации од твид, начесто фустани и туники со разресени рабови, како и „Шанел“ сакоата, со што и овој пат не беа изоставени препознатливите елементи на куќата.

Во галеријата погоре имате можност да ја видите комплетната ревија, а љубителите на модата со нетрпение ја очекуваат и ревијата на „Диор“ закажана за 11-ти мај во Лос Аџелес, како и на Луј Витон во Кјото (Јапонија) на 14-ти мај.

 

„Гучи“ кој се бореше за ревија во грчкиот Акропол, но безуспешно, ќе ја одржи ресорт ревијата во Фиренца на 29-ти мај.

Објавено:
5 мај 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
390 пати
Извор: 
WWD