Лагерфелд ја оживеа визијата на Коко Шанел со шоуто во Салцбург

3 декември 2014

Ангелите на Викторија Сикрет најновата колекција на долна облека ја претставија во Лондон, а Карл Лагерфелд истовремено ја презентираше пред – есенската колекција на Шанел за 2015 година во Салцбург, Австрија. Токму поклопувањето на двете модни ревии беше причина што Кара Делевињ, музата на Карл и Кендал Џенер беа отсутни од шоуто на Викторија Сикрет.

Австрија е местото каде Коко Шанел добила инспирација за создавањето на добро познатата порабена кратка јакничка со четири џебови, која подоцна ќе стане и дел од нејзиното наследство. Таа се инспирирала од јакната која ја носел портирот на хотелот „Шлос Митерсил“, кој во тоа време бил во сопственост на познатиот боем Барон Хуберт фон Панц, со кого, како што објаснува Карл Лагерфелд, Шанел имала афера во раните 1930-ти. И токму Австрија, поточно Салцбург, беше едно од местата каде се одржа ревијата Métiers d’Art на Шанел, која се прошета и во други светски градови, како Единбург, Бомбај и Далас.

Враќањето во Австрија  ја оживеа визијата на Габриел за спој на интелектуални и културни вредности, кои ќе ги прикажат припадничките на понежниот пол, како слободни и модерни индувидуи, токму преку изборот на модни парчиња, кои ќе формираат една уникатна целина. Интересно е да се истакне дека и самиот Карл Лагефелд често ја одбира Австрија, како земја која е центар на традиционалните и модерни вредности, негувани генерации наназад – „Често доаѓам во Салцбург. Дури и првата фотографија ја сликав токму тука пред точно 26 години“.

Пред – есенската колекција на Шанел за 2015 година е всушност реинкарнација на култната јакна со четири џебови, претставена во различни форми и должини. Низ целата колекција акцент беше ставен на цветниот принт, но и успешниот спој на чорапи до и над колена, хулахопки и кратки панталони и здолништа во комплетен стајлинг. Покрај земјените тонови, задолжително беа претставени парчиња во црна, бела и беж нијанса. Тоа што посебно привлече внимание е модернистичкиот пристап кон трендот кој беше актуелен минатиот век. Познато е дека години наназад, модата од минатото, полека но сигурно, го наоѓа своето место назад на модната сцена, а Карл Лагефелд уште еднаш докажа дека е маестрален во софистицираниот пристап кон одредена тематика и нејзино претставување со совршено светло. Во колекцијата беа вметнати машки, женски и детски парчиња, а покрај јакната, акцент беше ставен на класичните панталони со централен раб, кратки и долги здолништа, плетива, волуменозни и струкирани капути, транспарентни парчиња, набори, реси, фустани, ролки, кожени јакни, парчиња украсени со впечатливи брошеви, капи со богати детали на себе, масивни ѓердани и панделки. Низ целата колекција се чувствува аристократскиот пристап, претставен преку модернистичката верзија на Métiers d’Art. Во продолжение, погледнете ги фотографиите од ревијата на Шанел во Салцбург.

Објавено:
3 декември 2014
Категорија: 
Колекции