Модната недела во Лондон е во тек, остануваат уште два дена до нејзиниот завршеток. Тие се резервирани за големите брендови и дизајнерски имиња.

Но, и почетокот не беше помалку ветувачки. Она што светската јавност имаше досега можност да го види е шарено, весело, транспарентно и дефинитивно во знак на принтовите.

Дали се работи за цветни, психоделични, риги или нешто сосема друго, дизајнерите ретко ги оставаа чисти површини.

Последната ревија на Мери Катранзу е комплетно во знакот на принтовите. Инспирирана од филмот на Емир Кустурица, „Дом за вешање“, Катранзу нуди креации инспирирани од џипси мотивите. Со опуштени кроеви и совршено стилизирани парчиња, дизајнерката реши да ги вклопи обувките со стилизирани плетени чорапи над колена, со што создаде комплетно еклектични креации.

Мери Катранзу

Во колекцијата на Симон Роша во центарот се транспарентноста, лелеавоста и нежноста. Профинетите креации ги претвора во секси со транспарентни матеирјали, кои сепак не откриваат сè. 

Симон Роша

На првите денови од модната недела, Versus Versace исто така ја претстави својата пролетна колекција, која е во темни тонови. Ентони Вакарело и Донатела Версаче одлучија да вметнат војнички детали кои ќе контрираат на цветните и овошни принтови. Исто така, во оваа колекција тие ги актуализираат и џинс парчињата, па добар дел од парчињата можат и да се комбинираат.

Versus Versace

Во колекцијата на Џонатан Саундерс принтот исто така има централно место, но се работи за риги, најчесто во светли бои, меѓу кои најмногу се истакнуваат жолтата и црвената.

Џонатан Саундерс

Иако рече дека не знаат дали повторно ќе се појават на некое модно случување, модното дуо КTZ, односно Марјан Пејоски и Сашо Бежовски повторно му се вратија на Лондон. Прикажаа една урбана колекција претежно во темни бои, со микс од инспирации и хаотични принтови, како и украси (како синџири, рогови и слично) кои совршено се вклопуваат во изгледот.

KTZ

На останатите два дена до крајот на оваа модна манифестација и почетокот на Миланската модна недела, ќе се претстават и Антонио Берарди, Роксанда Илинчиќ, Ердем, Барбери, Питер Пилото, како и Марко Митановски.

Објавено:
21 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
753 пати