На актуелната модна недела во Њујорк, која завршува денес, се претстави и најдобриот бизнисмен меѓу дизајнерите, Мајкл Корс.

Како и досега, остана доследен на тоа да понуди парчиња што секоја жена ќе посака да ги носи. Оваа пролетна колекција ја бои во пастелни тонови, за некаде на крајот суптилно да ги внесе сивата и црната.

Ако ги разгледате повнимателно комбинациите, ќе забележите парчиња што веднаш ве асоцираат на плажа. И токму оттаму и тргнува американскиот дизајнер.

-Сетете се од кога не сте виделе девојка во Њујорк или Лондон или било кој друг голем град, која носи апостолки? Тоа е реалноста, која всушност не е реалност повеќе. Па како да го зголемите тој став на леснотија на начин да функционира во еден град – вели Корс, потенцирајќи дека тоа е појдовната точка за креиерање на колекцијата.

Но, додава дека постои и уште една тажна реалност, а тоа е долгогодишниот проблем со различноста, поточно недостатокот од неа. Токму затоа можете да ја видите и Ешли Греам како дел од ревијата, а и бројни модели што имаат повеќе од 35 години, меѓу кои Меги Ризер, Каролин Марфи и други, што мора да признаете изгледаат одлично.

Кога е облеката во прашање, застапена е слоевитоста, како и лесните летни парчиња – широки панталони, фустани, широки кошули. Особено впечатливи се широките палта во комбинација со куси панталончиња или широки панталони. На тој начин Корс прави спој на летните комбинации за плажа и деловните, или оние за град. Деловна во комбинација со лежерна естетика. И обидот е повеќе од успешен.

Ремените се речиси задолжителен моден додаток, нешто што доминира речиси кај сите дизајнери што се претставија на оваа модна недела.

Корс вметна и неколку светкави или шик свечени комбинации, идеални за пролетните и летните забави.

Плетенините, принтот со листови се нештата што само ги импелемтираше од претходните сезони, давајќи им малку поинаков контекст.

Целта на оваа колекција ќе каже е како да се опуштите, а сепак да не изгледате несредено во лежерната облека. Имајќи го ова на ум, имате можност за бројни комбинации и инспирации.

Објавено:
14 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
495 пати