Македонецот Тони Матичевски со најдобра колекција на австралиската модна недела

8 април 2014

Деновиве во Австралија владее позитивно лудило едноставно наречено – Модна недела! Долгоочекуваниот, како што многумина го нарекуваат и единствен моден настан во „земјата на кенгурите“, имаше сосема солиден старт, но се чини најмногу се истакна австралискиот дизајнер со македонски потекло – Тони Матичевски.

Австралиските медиуми со особено внимание пишуваат дека токму на неговото беспрекорно модно шоу за прв пат виделе луѓе што со голема возбуда ги извадиле мобилните и почнале веднаш да фотографираат.

Според нив, иако австралиските дизајнери се ултра талентирани луѓе, многумина од нив имаат апсолутно ограничени буџети кога станува збор за создавање на возбудлива колекција и уште повоздбуливо модно шоу. Токму поради тоа, кај многу од нив го немало и она посебното што сите го очекувале од презентираните колекции кои биле сосема оскудни и минималистички во сценографијата.

Но, мултиталентираниот Македонец на публиката им го подарил токму тој, wow фактор! Во истиот момент кога првите модели се појавиле на пистата презентирајќи парчиња од неговата нова колекција, социјалните мрежи биле преплавени од она светското што тој го препорачува.

Сите парчиња од Матичевски се едноставно неодоливи, инспирирани од беспрекорната мода на Баленсијага од 50 – тите и 60 – тите години, но со доза на помалку футуристички и спортски, носливи моменти.

Големото финале на неговата модна ревија го означија неколку прекрасни девојки со креации во пастелни бои и со шармантни цветни венчиња поставени преку лицето.

Реакциите што младиот дизајнер ги добил откако излегол да се поклони на сцената, биле едноставно воодушевувачки! Како што пишуваат австралиските медиуми, наместо стандардните едноминутни аплаузи, на сцената завладеало вистинско лудило со свиркање и подвикнување како знак на голема почит.

Матичевски според многумина, ја однесе австралиската модна недела на едно повисоко ниво креирајќи шармантна убавина и романтично расположение кај сите присутни.

Погледнете ги креациите на одличниот дизајнер.

Објавено:
8 април 2014
Категорија: 
Колекции