Македонскиот дизајнер Марјан Пејоски меѓу светските дизајнери на четвртиот ден од LFW

17 септември 2013

Четвртиот ден на лондонската модна недела блесна во знакот на светските модни имиња почнувајќи од Кристофер Кејн, па се до Бурбери и Том Форд. Но, она што нас ни остави најголем впечаток секако беше ревијата на македонскиот дизајнер Марјан Пејоски и неговиот бренд KTZ.

Marjan Pejoski KTZ

Тој покажа дека неговиот талент е навистина безвременски со извонредната колекција што и ја прикажа на британската јавност. Неговата колекција се состои од неверојатни парчиња меѓу кои и совршени палта и костими, панталони со супер крој, лелеави и секси фустани во црна боја како и интересни здолништа и широки црни јакни, омилените на Ријана.

Светските дизајнери дефинитивно имале и голем буџет за трошење, со оглед на тоа што претставија вистински спектакл и колекции за паметење.

Српската дизајнерка со лондонска адреса Роксанда Илинчиќ уште еднаш докажа зашто нејзините креации се омилени на принцезата Кејт Мидлтон и на сопругата на британскиот премиер, Саманта Камерон.

Roksanda Ilincic

Дизајнерката на својата ревија покажа изобилство од бои, меѓу кои и нејзините омилени - прекрасната портокалова, розовата и неонски жолтата. Меѓу нејзините креации имаше прекрасни широки здолништа, лежерни маички и кошули и нејзините омилени, рамни чевли. Во нејзината колекција не изостануваа ниту лежерните плисирани здолништа и туники и големите и широки јакни. Ние длабоко веруваме дека нејзината колекција ќе се најде меѓу десетте најбарани од оваа модна недела.

Ревијата на шкотскиот дизајнер кој живее во Лондон, Кристофер Кејн, беше дефинитивно една од оние ревии на кои сите се радуваа. На денот на неговата ревија тој ги почести обожавателите со уште една супер вест, а тоа е дека наскоро ќе отвори продавница во Лондон. Целата сала и модната писта за неговата ревија беа претворени во огледало, на кое можеа да се видат неговите футуристички креации. Неговата колекција за следната сезона вклучуваше неверојатни фустани со шик принтови, плетени парчиња облека и неверојатни цветови. Модните критичари неговата ревија ја оценија како една од највозбудливите до сега.

Christopher Kane

Романтичната колекција на Бурбери понуди неверојатни парчиња во совршени бои за следната сезона. Пастелните фустани на Бурбери и неверојатните лелеави наметки се нешто што дефинитивно секоја девојка ќе сака да го носи следната сезона. Комбинациите од транспарентни здолништа и лелеави горни делови прикачени со ремени со цветни дезени дефинитивно се парчиња во кои едноставно мораш да се заљубиш.

Совршените креации на неповторливиот Том Форд уште еднаш покажаа дека тој е според многумина најгламурозниот и во исто време шик дизајнер. Неверојатните светкави, куси фустани оставија најголем печат на неговата нова колеција. Шармантниот Том Форд докажа дека е дизајнер чии креации вреди да се најдат во вашиот плакар.

Tom Ford

Објавено:
17 септември 2013
Категорија: 
Колекции