Машка модна недела во Лондон: Барбери, KTZ, Александар Меквин...

12 јануари 2016

Во Лондон веќе се дефинираат стилските тенденции за следната зима(2016-2017), на актуелната Модна недела за мажи. Тука најголемите модни имиња на денешницата ја моделираат модната перцепција за мажот следната сезона. Помеѓу нив Барбери секогаш се издвојува како едно од најочекуваните шоуа со бројни познати гости во првите редови, нашиот етаблиран моден дизајнер Марјан Пејоски секогаш носи нова возбудлива естетика под неговата етикета KTZ, а Александар Меквин создаде свет во кој фантазијата и инвазијата на пеперутки се спојува со мрачната готик димензија.

Барбери

Луксузниот бренд прикажа микс од сè она што го сочинува неговиот идентитет: препознатливите принтови, тренч палтата, милитари јакни, но и отмени крзна. Загаситите комбинации на бои, повремено се разиграни со детали во интензивни нијанси што го освежуваат типично зимскиот изглед што содржи слоевит спој на предимензионирани капути, блузи во риги, класични панталони, а целиот аутфит добива спортска завршница во комбинацијата со патики.

KTZ

Од македонскиот дизајнер Марјан Пејоски кој се етаблираше под етикетата KTZ, секогаш очекуваме футуристичка естетика во бескомпромисна форма. И овој пат дизајнерот остана доследен на својот оригинален современ поглед на машката мода, и инспириран од американскиот фудбал создаде естетизирана реплика на оваа спортска дисциплина. Со акцент на предимензионираните горни делови, во основа сите аутфити се повеќеслојни комбинации кои варираат од за Пејоски типичните црно-бели варијанти, до богати колоритни спојки.

Александар Меквин

Она што прво паѓа во очи кај новата машка колекција на Александар Меквин се принтовите на пеперутки и молци како заштитен симбол на британскиот бренд. Креативната директорка Сара Бартон се инспирираше од ерата на Чарлс Дарвин и создаде колекција во која се спојуваат два различни света: мрачниот готик изглед со онаа димензија на фантазија и мечти. Фокусот е ставен на строгите кроеви и долгите палта во милитари фазон, украсени со беџови и детали со синџири.

Објавено:
12 јануари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
219 пати