MFW: Версаче е секси, елегантен и спортски

26 септември 2015

Да, токму така некако би можела да се опише последната колекција на овој бренд, што се одржа вчера во рамки на актуелната модна недела во Милано за пролет-лето 2016 година.

Донатела Версаче секогаш ја слави жената, што ниту сега не е исклучок. Новата колекција ја посветува на сите храбри и самоуверени жени, оние што сакаат да ги победат внатрешните демони.

А тоа го прикажа преку отсуство на црната и присуството на мноштво други бои. Исто така, забележително е присуството на војничкиот принт и детали, со кои алудира на војничката сила и моќност, што секоја жена според неа во себе ја носи.

Но, од друга страна, не изостанаа ниту гламурозните, елегантни тоалети, како ни оние што во прв план го ставаат сексапилот на жената. Транспарентните материјали и асиметријата повторно се провлекуваа низ целата колекција.

Строгите парчиња се искомбинирани со елегантните, а тоа е уште еден од начините Донатела да ја извлече храброста од жените. Така, ако сте од оние што сакаат да го комбинираат спортскиот со елегантен стил и сте храбри да го правите тоа на Версаче начин, тогаш оваа колекција сигурно ќе ве воодушеви.


Еmporio Armani

И додека Донатела прикажа динамична и цврста модна приказна, Армани се осврна на смирувачки тонови. Неговата приказна за следната пролет е нежна и пастелна. Асиметрични фустани, јакни со цветен принт, фустани од транспарентен шифон и свила, како и Армани верзија на шалварите се парчињата во кои би уживала секоја жена.

Практични, во портокалово-розови нијанси, како и сина и бела, Армани сакал жената следната пролет да се чувствува слободно, удобно, нагласувајќи ја моќта на едноставноста. Во таа приказна одлично контрираа и кожените панталони, како и оделото во стилот на 1980-тите и дебелите гангстерски синџири. Сепак, силен спортски стил со потпис на Армани е она што никако не може да ви избегне како впечаток.


Етро

Кога мислиме на Етро, тогаш мислиме на принт, а така беше и во оваа најнова нивна колекција. Совршениот микс на принтови е она што одлично ѝ оди на Вероника Етро и што и донесе успех во модната индустрија. Ако приказната на Армани беше нежна, оваа насловена како „Номадска градина“ е уште понежна, романтична, женствена. Материјалите се ставени во преден план, а инспирацијата дизајнерката ја пронајде во балетот.

Токму затоа и не изненадува присуството на набраните здолништа, карнерите и присуството на тантела. Од посветли кон потемни тонови, дел од парчињата од оваа колекција изгледаат дури и ориентално. Во секој случај, бомбер јакната, пижама-панталоните, лежерните и нежни фустанчиња се нешто што несомнено ќе се носи следната пролет.

Објавено:
26 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.168 пати