MFW: Версаче и Армани го одбележаа третиот ден од модната недела

22 февруари 2014

Возбудата на миланската модна недела продолжува. Третиот ден започна со ревија на Блумарин, по што продолжи дуплото шоу на Emporo Armani, потоа ревијата на Етро, а пред крајот и дуплото шоу на Версаче.

Што прикажаа на пистата и кои нови трендови ги донесоа за есен-зима 2014/15, прочитајте во продолжение.

Блумарин - сексапил од Далечниот ИстокBlumarine kolaz

Кој го сака влијанието на истокот во модата, ќе биде воодушевен од оваа колекција. Блумарин за есен-зима презентира секси колекција со куси, тесни, заводливи фустани. Имајќи го предвид влијанието, застапени се кимоно ефектите и ткаенините со две лице. Сатенот е секако присутен, како и впечатливите бои и цветните мотиви. Имајќи го сето ова, следната сезона есен-зима никако нема да биде монотона и здодевна. Да се реинтерпретира азиската традиционална облека, може да биде ризичен чекор, затоа што може да се граничи со кич. Но, тоа не е случај со оваа колекција. Интензивните бои и цветните мотиви се поставени на чисти кроеви, па се изгледа суптилно и со стил. Успехот е присутен и поради користењето квалитетни материјали, па тесните сатенски панталони, кусите топови, капутите и фустаните изгледаат одлично.

Emporio Armani - спој на машките и женски елементи

Armani kolaz

Инспирацијата за оваа колекција на брендот е „Никита“ на Лук Бесон, односно силниот став, но со облека која сите можат да ја носат. Армани успеа да направи микс со силна основа, задржувајќи ексцентричните детали кои провоцираат, а ставени во контекст на софистицирана облека. Колекцијата започнува со неколку сиви костуми, со дворедно закопчување и со машка нота и изработени со голема прецизност. Впечатливо беше и присуството на широките панталони до глуждовите, како и класичните црно-бели комбинации. Но, не беа изоставени и коктел фустаните во комбинација со светкави материја со „диско“ ефекти. Поголемиот дел од моделите беа комплетирани со црно-бели чевли, а дел имаа и црн свилен шал, со бисери што беше еден од шик моментите.

Етро со бохо вибрација

Etro kolaz

Патување низ културите на Русија до Узбекистан и Таџикистан се дел од инспирацијата што ја искористи Вероника Етро во колекцијата што миланската публика имаше можност да ја види вчера. Сите модели содржат референци на егозтичноста на овие локации. Боите се движат од темни кафени нијанси до светкаво златни, а креациите се повеќе слојни, материјалите богати, не само по својата текстура и квалитет, туку и аплицираните везови. Комбинацијата на мотиви и дезени е одлично вклопена во основата на материјалот, кој на одредени модели е со металик сјај.

Версаче жена со војничка елеганција

Versace kolaz

Ако кај голем број брендови oversize моделите беа хит и водечки тренд, кај Версаче пропорциите се складни и ја следат линијата на телото. Иако често знаеме да видиме провокативни модели, што откриваат кожа, Донатела овој пат се одлучи да провоцира суптилно. Доминираат фустани со долги ракави и должина над колена, а нишката што се проткајува независно дали се работи за фустан, палто, горен дел, панталони или здолниште, се војничките детали. Со епултеите и копчињата вметнаа малку украсеност во тесните модели и „затворена“ сексапилност. Но, уште еден момент критичарите го оценија како успешна игра со сексапилот и провокативноста. Некои од фустаните се изработени од два различни типа на материјал (на пример свила и сатен, или пак различна боја (црвена и сина), споени со испрекинат спој. Најголема доза на декорација имаше на обувките кои особено привлекоа внимание и се истакнаа покрај поедноставните креации.

Објавено:
22 февруари 2014
Категорија: 
Колекции