„Милион милји време“ го отвори осумнаесеттиот Моден викенд Скопје

2 ноември 2018

Вчеравечер со јубилејната колекција „Милион милји време", познатата македонска дизајнерка Лидија Георгиева, го отвори осумнаесеттиот Моден викенд Скопје, за прв пат во амбиентот на „F.A.M.E.'S".

По повод 20 години од создавањето на брендот Георгиева ја претстави роденденската колекција за која вели „Приказната се одвива во атмосфера на патување, целиот креативен процес и изработка се резултат на едногодишно континуирано патување низ Европа. Дел од моделите дури се работени во автомобил во движење, некаде низ континентот. Пробивањето на личните и општествените ѕидови и бариери, уживањето во неограниченоста, потрага по слободата, слобода на изразот и силното чувство на слобода кога патуваме се тема на колекцијата."

Балетскиот перформанс, што како уметничка нишка ги поврзува ревиите на дизајнерката, и овојпат беше увертира, навестувајќи го слободниот и ноншалнтен ритам на колекцијата.

Токму слободниот креативен дух ја гради приказната на „Милион милји време" во која ќе ги препознаете есенцијалните елементи карактеристични за дизајнерскиот профил на Лидија: плетените дизајни во комбинација со тантела, како и впечатливите принтови во комбинација со боемски и елегантни силуети. Во оваа линија за прв пат се презентираа и дизајни од соработката со францускиот бренд Фејмс – колекција рачно плетени модели.

Моден викенд Скопје продолжува вечерва во „Скопје Мериот Хотел" инаку официјална локација на осумнаесеттиот Моден викенд Скопје, со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk. Вечерва ќе го видиме и најновите креации на дизајнерките Ирина Тошева, Теодора Митровска, Кренаре Ругова и Силвија Михајловска.

 

Објавено:
2 ноември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
195 пати