Минималистичка естетика во деби колекцијата на Мартин Мицев

2 септември 2016

Младиот креативец, 22-годишниот студент на графички дизајн Мартин Мицев кој твори под етикетата MetexM, го најави своето присуство на модната сцена со едиторијал за неговата деби колекција Sensitivity. 

Едиторијалот насловен „Shades of Marble" го фотографираше младиот фотограф Владимир Видановски, а како модели се ангажирани модните блогерки Вера Ангелакова и Искра Младеновска од модниот блог Aesthetics Illustrated.

Минималистичката естетика концепирана во црно-бел израз, е она што прво ќе го забележите во деби колекцијата на Мартин.

„Главна инспирација за колекцијата ми беше кревкоста на женскиот карактер поради што и се задржав на класичните минималистички кроеви во црна и бела боја, мрежести, еластични, како и нежни транспарентни материјали, кои пак ги комбинирав со поцврсти со цел да ја задржам естетиката под која ќе творам во иднина", ја опишува својата колекција Мартин и додава дека ваквата комбинација на материјали e со цел да визуелизира колку храбра, елегантна и заводлива може да биде секоја жена, покрај нејзината нежност.

Колекцијата во која се присутни елегантни парчиња во чисти линии, како панталони, маички, кошули и здолништа, е надополнета со накитот на Магдалена Димковска која креира под етикетата Daemonium.

„Многу сум среќен што целиот проект излезе токму како што очекував, а за иднина посакувам MetexM да се афирмира како бренд чии дизајни ќе ги поседуваат во својот плакар многу девојки, а планирам да се задржам на мојата естетика и да ја преточам во многу носливи парчиња", вели Мартин.

Инаку концептот на MetexM е замислен да функционира како онлајн продавница за облека што ја дизајнира Мартин. Во моментов етикетата има своја страна на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук, а во тек е изработката и на блогот.

Објавено:
2 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
483 пати