Мите Занов ја промовираше колекцијата „Миг“ инспирирана од македонските скулптори

12 декември 2017

Вчеравечер во холот на Македонската опера и балет, младиот дизајнер Мите Занов ја промовираше колекцијата „Миг" (Moment), инспирирана од творештвото на македонските скулптори.

Идејата за тридимензионалните форми и скулптурниот израз се модифицирани во нослив дизајн во кој е имплментиран микс на конвенционални и неконвенционални материјали, со акцент на метални детали и еко-кожа.

„Оваа колекција е инспирирана од скулптурата како уметничка дисциплина и од делата на македонските скулптори. Дела кои сведочат за еден минат духовен потфат, траги од една бура на умот, како вертикално празнење на енергија меѓу небото и земјата, траги од молњи што се претвориле во метал или се скамениле. Бурата одминала, а трагите останале да сведочат", вели Мите Занов во описот на колекцијата.

Палетата на бои во оваа линија опфаќа широк спектар, од јаки и интензивни како розова и портокалова до монохроматските бела и црна.

„Моделите во колекцијата, тридимензионални форми создадени како уметнички израз, сами по себе се настан, миг што трае, чудо што пред нас се материјализира и што доаѓа од длабочините на битието, од неговата вознемирена срцевина", додава дизајнерот.

По вчерашната ревијална промоција на колекцијата, Занов наскоро најавува и едиторијал за истата.

Објавено:
12 декември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
841 пати