Моден микс од Балман до Ланван

2 октомври 2015

Париската модна недела е во тек, а вчерашниот ден го одбележаа неколку големи имиња. Клое, Карвен, Балман и Ланван се оние чии колекции ќе ви ги претставиме во продолжение:

Клое

Спортска елеганција. Вака може да се опише пролетната колекција на овој бренд. Свилата и тантелата се во комбинација со спортски маици, дуксери и јакни, што оддава слика на опуштеност и удобност. Инспирацијата од 1970-ти се преточи во нешто сосема ново и неочекувано за Клое, но и добро промислено. Со оваа колекција и носливите парчиња, брендот се насочува кон помлада таргет група.

Карвен

Изгледа дека ниту следната пролет нема да избегаме од веселите 1970-ти. Тие повторно се честа инспирација на дизајнерите, а и модната куќа Карвен ги стави во центарот на новата колекција. Пастелни бои, ретро принт и долги фустани со истакната половина се она што го видовме од Карвен вчера, заедно со асиметирчни здолништа, кошули, блузи... Па, ако сте вљубеник во оваа декада, тогаш несоменено ќе ви се допадне најновото од оваа модна куќа.

Балман

Оливер Рустенг знае како да крене прашина околку својот бренд и шоу, па така беше и овој пат. Тој успеа да ги собере најактуелните супермодели, кои придонесоа уште повеќе за да се памети ревијата на Балман. Што се однесува до колекцијата, естетиката на брендот остана препознатлива, со тоа што се користат полесни материјали. Исто така, Рустенг внесе уште повеќе боја, при што доминираат портокаловите и тиркизни нијанси. Вниманието го привлекоа и панталоните во пудрени нијанси, во комбинација со волуменозни блузи. Иако, Балман не донесе некои големи новитети и изненадувања, сепак спојот на боите и принтовите, како и изборот на материјали, прават креациите од оваа модна куќа секогаш да бидат посакувани.

Ланван

За следната пролет Албер Елбаз одлучи да понуди креации со непорабени рабови. Иако  можеби си помисливте дека тоа ќе изгледа грдо и недовршено, тој мошне успешно го вклопи во парчињата во претежно темни нијанси.

Волуменозни здолништа, структурирани фустани, големи јакни, блејзери, панталони и кошули се дел од креациите што ја сочинуваат оваа колекција, а како моден додаток ги видовме омилените панделки на Елбаз. Строгоста во првиот дел од ревијата, премина во сексапил претставен преку транспарентни фустани, кај носи сепак не се гледа кожата, како и фустаните со тантела, што потсетуваат на ноќници. Мистична еротичност е трендот за следната пролет според Ланван.

Објавено:
2 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
309 пати