Модна недела Њујорк: Доминација на Мајкл Корс

18 февруари 2016

На претпоследниот ден од актуелната модна недела во Њујорк, сето внимание беше насочено кон колекцијата на Мајкл Корс. Освен него, трендовите за зима 2016/17 ги претставија и Наим Кан, „Маркеза", „Делпозо", DKNY, како и „Проенца Скулер".

Во продолжение ви го презентираме најдоброто од нив:

Мајкл Корс

Ако некој добро ги разбира жените, тоа е Мајкл Корс. Тој и овој пат понуди колекција која изобилува со основни и носливи парчиња, клучни за сите комбинации. Со женствена, по малку сексапилна нота и елеганција, Корс и овој пат ги исполни сите очекувања, па нема што не би носеле од понудените парчиња.

Крзнените бундички и ремени привлекуваат посебно внимание, како и совршено скроените панталони, свилените кошули, лелеавите фустани. Речиси секоја од комбинациите вклучува и високи потпетици и големи очила за сонце, какви што практикуваше Џеки Кенеди. И додека речиси целата колекција изобилува со секојдневни комбинации најчесто во земјени тонови, последниот дел од ревијата беше резервиран за комбинации за вечерни излегувања. Панталони или здолниште од кончена, светкава плетенина, во комбинација со бела свилена кошула и бунда е нешто во што би ја замислиле Кери Бредшо, што е уште еден доказ за урбаноста на колекцијата, составена од класични парчиња.

 

DKNY

Она што прво се забележува во најновата колекција на DKNY е волуменозноста. Премногу широките палта, блузони се инспирирани од уличната мода и трендовите од 1990-тите.

Во контекст на тоа се и кусите горни делови и откриен стомак, минимализам, креации на врзување. Посебно внимание привлекуваат креациите што на себе го содржат принтот : Insert logo here, со што повторно се алудира на 1990-тите и тогашната актуелност на логоата. Освен премногу волуменозните креации, модната куќа понуди и неколку посведени креации, а целата колекција е во темни тонови, со исклучок на белата.

 

Делпозо

Волуменозноста е застапена и во колекцијата на модната куќа „Делпозо", но на поинаков начин. Геометријата е составен дел речиси од секое парче, а инспирирана од експресионистичките, научно-фантасични филмови. За изработката на дел од парчињата се користени и ткаенини кои потсетуваат на холографски мрежи, направени од метален вез, кашмир и тул. Но, од друга страна во колекцијата е вметната и природата, како уште една од вечните инспирации.

Така, од една страна е футуристичката геометрија, а од друга природата. Резултатот се парчиња со нагласена половина, голи раменици, набори, а сè во впечатливи бои. Посебно внимание привлекуваат модните додатоци - ракавиците над лакт, изработени со рачен вез и светки, како и рамните светкави чевли со дебел ѓон. Колку и да изгледа на прв поглед чудно, модната куќа направи спој што одлично функционира.

 

Наим Кан

Дизајнерот отсекогаш сонувал за свое шоу на модната недела во Париз за висока мода, а како вели, колекцијата претставена вчера во Њујорк е вежба за тоа.

-Моето семејство повеќе од 100 години се занимава со везови и монистра. Сите финеси на создавање парче од висока мода ги знам, па зошто да не направам нешто такво. Мислам дека ги усовршив моите способности. Подготвен сум за таков чекор – изјави Кан.

Тој додава дека колекцијата за есен-зима 2016/17 е инспирирана од Арт Деко правецот, посебно во архитектурата и тоа онаа што ја гледа на улиците на Њујорк, или од облакодерите.

Доминираат долгите фустани во виолетови нијанси, со доза на гламур по кој е и препознатлив дизајнерот. Покрај тоа што користи рачен вез, Наим употребува и 3Д детали и ласерско сечење, со што сака да покаже дека е во чекор и со новите трендови. Со оваа колекција Наим Кан внесе доза на гламур на вчерашниот ден на модната недела во Њујорк.

 

Маркеза

Во сличен стил е и најновата колекција на „Маркеза". Со ставот дека секоја девојка е посебен портрет, тимот на модната куќа се потруди да направи фустани за сечиј вкус. Знаејќи дека речиси секоја девојка сака да се чувствува како кралица, ревијата почнува со фустани што ја следат линијата на телото и круна. Сепак, не изостануваат ниту оние со широки здолништа од тул, а две од креациите неодоливо потсетуваат на стилот на Џамбатиста Вали.

 

Инаку, секој од фустаните е украсен со светкави монистра и вез, што придонесуваат за што погламурозно издание на креациите, а често се вклучени и свилени, долги реси. Во пресрет на Оскарите, тимот на модната куќа размислувал паметно.

 

Пронеца Скулер

„Проенца Скулер" е еден од омилените брендови на њујоршката публика, но првите реакции се дека модното дуо можело и многу подобро. Проблемот е во тоа што не може да се извлече една нота што ќе ги поврзе сите. Сепак, има поединечни парчиња што сосема воодушевија.

Долгиот пачворк капут од крзно, плетените фустани, палтата и дел од фустаните на шнирање, како и златните и сребрени чизми до глужд се нешто што веројатно секоја тренди девојка и жена би сакала да го има.

Објавено:
18 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
926 пати