Модна недела Њујорк: Најдоброто од петтиот ден

16 февруари 2016

Петтиот ден од модната недела во Њујорк помина во знакот на неколку големи имиња и брендови. Каролина Херера, Зак Посен, Џереми Скот, Томи Хилфигер, Рим Акра се само дел од оние што ги презентираа своите замисли за тоа како ќе изгледаме следната есен-зима.

Во продолжение ви го презентираме најдоброто од вчерашната програма на модната недела:

 

Морнарската приказна на Томи Хилфигер

Со вчерашното шоу и колекција, дизајнерот и неговата модна куќа нè однесоа на едно романтично, ретро патување. Морнарските елементи беа насекаде, и на сцената (брод), и на парчињата облека со што Хилфигер сакаше да создаде слика на есенско крстарење, на кое жените се облечени во свилени лелеави фустанчиња, во боите на модната куќа.

Нè изненадија и светкавите фустани со куси, широки ракави, што беа присутни во текот на целата колекција.

И додека од една страна се свилените креации, од друга се капутите во морнарски стил, со пришиени медали на нив.  Трендот на одела-пижами и бомбер јакните според Хилфигер ќе се задржи и следната есен.

А сите комбинации беа финиширани со чевли со дебела потпетица и светки.

 

Иднината во колекцијата на Каролина Херера

Дизајнерката се одлучи колекцијата за есен-зима да ја презентира во музејот, поранешен дом на индустријалецот Хенри Фрик, сакајќи да потенцира дека во убавината треба да се ужива.

„Сакам да ги гледам жените убави и дотерани, но во ова време сега, не во некое минато. Јас сум за нова технологија. Треба да одиме кон иднината“, изјави Херера по повод новата колекција. А нејзините размислувања имплементирани врз креациите резултираат со 3Д украси, најчесто флорални.Посебно внимание привлече фустанот со кожени 3Д цветови.

Инаку, дизајнерката и овој пат остана доследна на елеганцијата и женственоста во изразот по кој е и препознатлива, па лелеавите фустани, совршени за гламурозни поводи и овој пат не изостанаа. Напротив, придонесоа за нејзината колекција да се зборува уште повеќе.

 

Гумени чизми на потпетица и Америка низ призма на Џереми Скот

Ако некој гледа кон иднината, а притоа знае да се забавува, тоа е секако дизајнерот Џереми Скот. Тој и овој пат успеа да направи колекција за која сите ќе коментираат. Овој пат во центарот на инспирацијата се најде Америка, па принтот на бенџо, каубојките комбинации, принтот на крава се доволна асоцијација на ранч, односно на севкупната слика што Скот сака да ја пренесе.

Доминираа бундите со принт, но, најмногу од сè внимание привлекоа модните додатоци. Сите комбинации беа дополнети со гумени чизми, но на високи потпетици и пастелни бои. Според Скот, ова би требало да биде еден од најголемите трендови за следната есен. А во пакет со чизмите, доаѓаат и чантите од крзно и тоа во форма на кученца.

Иако можеби сега ни изгледа како никој да не би го носел тоа, веројатно Џереми Скот точно знае каде да ги насочи своите производи, па така веројатно ќе ги гледаме овие модни новитети во рамки на уличната мода на модните метрополи.

 

Неочекувана колекција од Зак Посен

Гледајќи ја колекцијата на Зак Посен ќе бидете во постојано очекување на вечерните фустани, но тие не се дел од оваа колекција. Наместо тоа, има мноштво вешто искроени женски одела со панталони, најчесто изработени од волна. Украсени со интересни копчиња доаѓаат во неколку бои. Црните свилени фустани беа тука да ја разбијат монотонијата од оделата, а и се потрудија да бидат своевидна замена за она што од дизајнерот се очекува.

Но, ако целта на Посен беше да покаже дека тој умее и други нешта освен фустани за црвен килим, тогаш успеа во намерата. Вниманието го насочи сосема токму на тој дел, сакајќи веројатно да им порача на сите дека тој не е само дизајнер на вечерни, гламурозни фустани. Но, дали ќе успее сосема да се оттргне од таа етикета, или ова беше само колекција поттикната од револт и потребата да покаже што сè знае, ќе видиме веќе со следната колекција.

 

Femme Fatale на Рим Акра

Потребната доза на свеченост ја надополни дизајнерката Рим Акра. Дури и повеќе од тоа. Таа претстави колекција која вели е наменета за сите жени што се чувствуваат како femme fatale. Имајќи го предвид тоа, не изненадува дозата на заводливост и сексапил присутна во секоја од креациите.

Речиси секоја беше мистериозна, транспарентна, а сепак покриена доволно за да ја разбуди фантазијата. Тантелата како материјал беше доминантна, а дизајнерката ја комбинира со свила и свилени реси.

Играјќи се со сексапил и бурлеска, Акра создаде колекција која сигурно ќе ѝ донесе успех на црвениот килим на Оскарите или некоја од сличните манифестации, кога и ќе дознаеме која од ѕвездите се чувствува како femme fatale.

Објавено:
16 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
457 пати