Модна недела Њујорк: Најдоброто од шестиот ден

17 февруари 2016

И шестиот ден од модната недела во Њујорк помина со исто темпо и внимание. Покрај Оскар де ла Рента кој ја воодушеви њујоршката публика, вчера се претставија уште неколку познати брендови, па во продолжение ќе ги видите колекциите на Нарцисо Родригез, Тори Бурч, Вера Ванг и „Родарте“.

Нарцисо Родригез

Иако од Нарцисо не се очекуваат џемпери, тој одлучи да ги изненади и публиката и клиентите, па понуди една шик колекција која содржи токму плетени парчиња. Исто така, креациите најчесто изработени од свила, беа комбинирани со волуменозни волнени парчиња, а дизајнерот особено внимание посветил на кроењето. Асиметричноста и комбинацијата на бои ги прават овие креации апсолутно трендовски и посакувани. Во комбинација со сребрените оксфортки, дизајнерот погоди право во центарот, барем кога е вкусот на публиката во прашање.

 

Тори Бурч

Мноштво бои и дезени ја карактеризираат најновата колекција на Тори Бурч, што е и една од нејзините препознатливости. Џемперите, фустаните со ромбоиден принт и со свежа комбинација на бои внесуваат младешка нота во цела колекција, која има и по некоја нота од 1970-тите. Покрај мноштвото сакоа и панталони, дизајнерката вметна и неколку лелеави фустани во принт. Марамите беа едни од главните модни додатоци, заедно со чантите за „преку рамо“. Младешки, опуштено и весело се зборовите со кои можат да се опише најновата колекција на британската дизајнерка.

 

Вера Ванг

Дизајнерката понуди колекција со момчешки стил, каде доминира црната боја. Од една страна се строгите и дефинирани линии, додека од друга се транспарентните и нежни парчиња. Инспирирана од Модилјани, поточно боите што ги користи во своите слики, во вториот дел од колекцијата Ванг вметнува парчиња во маслинесто зелени и кафени нијанси. Ревијата завршува со неколку транспарентни фустани со светкави детали, со што дизајнерката успеа да го опфати и својот личен сензибилитет и она што другите го посакуваат од неа.

 

Родарте

Со оваа ревија, модната куќа прослави 10 години работа. Роденденската ревија содржеше многу кожа, карнери и готски детали. Со неколку принтови и бои се постигна разиграност, а особено при доминацијата на бундите од долго влакно во вториот дел од колекцијата. Со тантела и транспарентност, тимот на овој бренд сакал да внесе и малку сескапил и мистериозност, па покрај „силните“ парчиња во првиот дел од ревијата, вториот изобилува со фустани во нежни бои, па и неколку што може да се толкуваат како невестински.

Објавено:
17 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
249 пати