Со ревија на македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева вчеравечер заврши дваесеттата сезона на Модниот викенд Скопје што годинава се одржуваше во Музејот на град Скопје прославувајќи го 70 – тиот јубилеј на објектот. 

Покрај Ѓоргиева, вчеравечер свои колекции прикажаа и дизајнерките Сара Реџиќ и Наталија Терзија кои порачаа колку е важно да се прифатиме и сакаме себеси, а притоа да уживаме во удобните и женствени парчиња. 

Подеднакво важна порака испратија и студентите од Академијата за моден дизајн во рамки на „Џолев и уметностите“ под менторство на професорот Никола Ефтимов, тргнувајќи од грижа за околината во која живееме, поттикнување на индивидуалноста, различноста на животните стилови и подигнувајќи го гласот за актуелните проблеми.

Идеологијата која ги врзува „Attitude“ на Елена Маџирова, „Back to the roots ” на Ангела Доневска, „Memory of a town “ на Мирјана Јосифоска, „Vanity ” на Ана Марија Атанасовска и „Рефлексија“ на Марија Стојановска е општествената одговорност.

Тргнувајќи токму од грижата за околината во која живееме и работиме, до создавање производи водејќи грижа за ефективно учество во социјалниот, еколошкиот, умствениот, како и економскиот напредок на нашето окружување.

Веднаш по групната ревија на студентите, се случи промоција на деби колекцијата на новата и млада македонска дизајнерка Наталија Терзија насловена како „Terziya movement“.

Колекцијата таа ја опишува како спортски гламур, а во истата смести 15 парчиња кои беа кoмбинација на минималистички комфор и доза на футуризам.

Парчињата на дизајнерката се создадени за постојано движење, а нејзината цел беше да ја поттикне свеста кај луѓето за виталност и здрав начин на живот, претставувајќи парчиња за различни форми на тело.

Како претпоследна учесничка на настанот, дизајнерката Сара Реџиќ ја прикажа новата колекција насловена како „Romantic Fall“ во нејзин препознатлив стил.

Младата дизајнерка прикажа вкупно 25 креации изработени од впечатливи материјали, дополнително украсени со рачни везови во кои таа е вљубена. 

Боите беа претежно земјени, а моделите колоритно ги разубавија токму деталите како интересно распоредените реси и романтичните апликации. 

Со колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Gjorgieva“ официјално заврши програмскиот дел на јубилејното издание.

Македонската дизајнерка повторно претстави нослива колекција наменета за дами вљубени во модата и парчињата со кои сакаат да се истакнат во секојдневието.

Почнувајќи од стилски женски костими, па сè до женствени фустани, Ѓоргиева прикажа колекција со која порача дека да се сакаш себеси е една од најмоќните емоции во животот.

Фото: Fashionel.mk, Fashion Weekend/AD Photography

Објавено:
4 ноември 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
770 пати