Моќна колекција на Александар Меквин која гласно зборува во име на жените

4 октомври 2018

Жената, нејзините ритуали, нејзиниот глас низ историјата и во современото живеење – ја инспирираа Сара Бартон да создаде исклучително моќна колекција за Александар Меквин која става акцент на потребата жената да биде повеќе вреднувана.

Посочувајќи на фактот дека модата раскажува приказни, има општествено и културолошко влијание и во најтемелните идеи на живеењето, ова е колекција која отвора суштински прашања во кои централна фигура е жената.

Преку дизајнот, Сара Бартон ја поврзува историјата со современото живеење и улогата на жената во различни временски и општествени димензии, не заборавајќи да укаже на големото значење на меѓусебната поддршка на жените.

Таа прави генијална синхронизација меѓу елементи од паганството, христијанската традиција и карактерот на современата жена. Во нејзините креации споена е и романтичната и кревка и моќната и храбра страна на жената, па не случајно се присутни неконвенционални комбинации меѓу кожени детали и нежна тантела, што можеби е најсилниот визуелен белег на оваа колекција наменета за сезоната пролет-лето 2019.

Ова е колекција со која Бартон отвора ново поглавје за брендот Александар Меквин, во кое женското лидерство е есенцијата.

 

Објавено:
4 октомври 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
395 пати