Морската мистика е инспирација за новата колекција на Оскар де ла Рента

13 декември 2017

Животот покрај море ги инспирираше Лора Ким и Фернандо Гарсија во креирањето на концептот за новата меѓусезонска колекција на Оскар де ла Рента.

Морските вибрации и разиграниот дух на летото, лесно ќе ги воочите во оваа совршено нослива колекција, преку рачно везените апликации и принтови инспирирани од богатата флора и фауна.

Со оглед на тоа што колекцијата ќе биде пуштена во продажба пред почетокот на летото, комбинациите се спој на облека изработена од лесни, лелеави и пријатни материјали со топли палта, капути и бунди, со што е направен микс од парчиња наменети за различни сезони.

Двајцата дизајнери го имале во предвид комерцијалниот момент при креирањето на колекцијата, па имплементирале парчиња кои веќе неколку сезони сосема солидно „поминуваат" на пазарот.

Тука ќе ги споменеме безвременските бели кошули-фустани во асиметричен крој, панталоните со кариран дезен, палтата и здолништата во минималистички крој.

Колекцијата е заокружена со она што значи основна карактеристика на естетиката на Оскар де ла Рента, префинетите и елегантни фустани со волуменозни здолништа.

Фото извор: Оскар де ла Рента

Објавено:
13 декември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
220 пати