Доколку вчера отворивте Инстаграм, сигурно забележавте дека речиси сите познати личности и модни магазини имаа објави поврзани со најновата колекција на „Москино“, претставена во рамки на актуелната модна недела во Милано.

Ревијата ја отвори Каја Гербер, што беше и повеќе од одличен вовед во приказната.

Рокенрол принцези беше првичниот впечаток, со кој мислевме дека Џереми Скот ќе ни понуди дежа ву доживување во однос на претходните.

Здолништа од тул и пердуви, кожени јакни, мрежести хулахопки, високи и ниски чизми... нешто што дава слика на „опасна“ Барбика.

Сепак, дизајнерот го сочува изненадувањето на вториот дел од ревијата. Креациите во форма на цветови беа воодушевувачки и вистински новитет. Ана Кливленд се појави во креација која потсетуваше на лале, од која ги кинеше ливчињата, како потсетување на играта на девојчињата „ме сака – не ме сака“.

Крајот беше резервиран за Џиџи Хадид, која буквално носеше букет со цвеќе во хартија завиткан.

Секако, ова не е ни малку случајно или наивно. Со ова Скот повторно имаше политичка порака.

„Се сеќавате во периодот на големата Депресија, кога на различни начини се трудеа луѓето да ги дефокусираат од реалниот проблем дека немаат храна и работа? Е јас морам да останам супер позитивен, затоа што морам да им дадам позитивна енергија на луѓето“, изјави дизајнерот за „Вог“ по завршувањето на ревијата.

Со оглед на тоа дека успеа да ги собере дел од најбараните модели денес, ова „Москино и неговите цвеќиња“, може да функционира и во таа насока.

 

Објавено:
22 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
299 пати
Извор: 
Vogue.com