Носи ја како панк!

16 декември 2017

Нела Тодоровска, нашата млада креаторка која твори зад етикетата Mariguccha, завчера во МКЦ ја одржа својата прва самостојна ревија конципирана под симболиката на насловот „Носи ја како панк".

Со својот став за своето – традицијата и присвоеното – панкот, таа спојува епохи, комбинира бои и материјали, навлегува во зона на експеримент и создава иновација врз нешто познато. Така македонскиот традиционален костум деконструиран со современиот призвук на панк субкултурата, дизајнерката креирала футуристичка, а нослива колекција.

„ Кројот на традиционалната македонска носија во комбинација со Punk стилот дава ефект на модерен, футуристички и нослив аутфит. А, пак, комбинацијата на традиционалните материјали и неопренот, кој е сега хит во модните колекции на секое парче му дава шик изглед. Комбинацијата се постигнува со прочистени линии, внимателно и без многу компромис, со игра на бои и чист крој. Со стилизирање на стариот традиционален елек, сега направен од неопрен, се креира нов фустан, кој само потсетува на елекот, но, има Punk детали, а во исто време, старите панталони од шајак се изработени од метал тексас. Најважно е дека моделите ја имаат земјената кроматика за основна, а силните Punk бои се нивна завршна линија. Креацијата добива една прочистена форма со порака и за набљудувачот или купувач, една душевна компарација за традиционалното како чисто, па во одреден контекст и религиозно и Punk-от како анархија", се вели во описот на колекцијата.

Со оглед на фактот дека Punk-от како субкултура и арт-движење, доаѓа од време на изразен револт на младите заради социјалниот статус на работничката класа од која потекнуваат, тие почнале да носат чевли од нивните браќа и родители, речиси три броја поголеми од нивните, што прераснува во моден main stream. Во овој контекст, неизбежно е да се спомене Vivienne Westwood, како гуру дизајнер на Punk стилот.

Природните материјали се користат исклучително ретко во денешно време, што се должи на софистицираниот начин на производство на новите, кои не се воопшто за потценување. Во колекцијата се вклучени и плетенини, кои потсетуват на некои наши изворно стари плетки, што се шик во светот, а кај нас одат во заборав. Зависно од потребата на новите интервенции се менува и конструкцијата на кројот на носиите, кои со тоа стануваат носливи и добиваат ултра модерен стил.

Со селекција на исклучителното богатство од многубројните и разновидни македонски носии се добива чиста линија како сопствена насока на движење во креативниот процес.

Старите наметки се трансформирани во "skin head" јакна, а широкиот ѕвонест елек во капут со нашиени волнени чорапи наместо џебови.

Марамите /крпи, (кои што ги носеле за да се забрадат и кои различно се носеле зависно дали е момата мажена или не) се претставени како капи од неопрен во вид на Punk софистицирана четка. Ваквите народни пораки, порано, во нашите традиционални костими, можеле да се искажат преку облека, но, со време се заборавиле. И во панкот се проткајуваат исти такви пораки, односно, каква четка носи, таков статус индивидуата има во групата/ друштвото, а со цел да им биде впечатливо на другите членови. За да се продолжи таа линија на Punk фризура, четката е поставена на предниот дел од капата наместо шишки. Овие бројни интервенции имаат, пред се, лична порака.

Малку живеела тука, малку студирала во Романија, малку работела таму, малку работи тука, малку патувала и се насобрало Многу, па сега Нела Тодоровска  го декларира својот свет со првата самостојна ревија во Македонија.

Таа е член на платформата Not Just a Label, која ги промовира младите современи дизајнери.

 
НОСИ ЈА како НОСИЈА и уживај во животот, биди космополит и имај стил.

Објавено:
16 декември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
221 пати