Со наслов XYYX, македонскиот моден бренд Лудус неодамна ја прикажа новата безродова колекција составена од вкупно 20 парчиња. 

Истите се изработени од високо квалитетни 100 % природни материјали како памук и ладна волна наменети за претстојниот летен период. 

Боите во палетата се ограничени на црна и бела, а акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. 

Тие се прочистени и минималистички, а мултифункционалноста е овозможена со прилагодувачки додатоци скриени во внатрешноста. 

Па така, машките асиметрични памучни кошули стануваат вечерни лежерни фустани со нагласен ремен на струкот, а асиметричните здолништа се всушност широки панталони со внатрешен раб. 

Овие парчиња ги надополнуваат неколку форми на накит кои додаваат акценти од сина боја на белата и црната. 

По пат на интернет кастинг, преку социјалните мрежи Лудус дојде до модели кои претставуваат поинаков тип на убавина и ја прикажуваат разноликоста. 

Колекцијата беше презентирана и во рамки на фестивалот Скопје Креатива, а веќе може да се најде и на страниците на  ludus.com.mk и bastetnoir.com/ludus, како и во концептуалната продавница Јавна Соба на улица 50-та дивизија 22, во Скопје. 

Колекцијата неодамна беше прикажана и во рамки на изложбата и промоцијата на книгата Херои за еден ден, Навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје. 

Објавено:
9 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
229 пати