Во јуни катарската групација Mayhoola го купи Балман, само неколку дена пред светски познатиот бренд да ја прикаже својата машка колекција во Париз.

Ако судиме според она што брендот го прикажа оттогаш, тогаш креативниот директор Оливие Рустенг дефинитивно сериозно ја сфатил работата.

Тој прикажа уште една одлична, женствена и секси колекција, карактеристики по кои тој впрочем е познат, но и нови парчиња со кои очигледно ќе ги освојува новите пазари.

„Што и да правам, дури и да ги покријам моите девојки, луѓето ќе речат дека е вулгарно. Но, тоа е што е. Јас мислам дека тоа што го правам е многу шик, многу француско. Тоа е Париз каков што го гледам јас“, изјави дизајнерот пред почетокот на шоуто.

Она што прво можеше да се забележи кај брендот, кога говориме за промените, беше големиот број на парчиња што ги прикажа кои овој пат достигнаа дури до 80.

Во колекцијата можеше да се забележи и отсуството на познатиот вез на Балман, кој овој пат го смени со малку полелеави и поедноставни парчиња.

Тој дефинитивно беше познат по тесните, секси фустани кои беа неверојатно куси и извезени со многу колоритни апликации. Иако и овој пат имаше по некое такво парче, видни беа промените што дизајнерот најверојатно морал да ги направи.

На оваа ревија, талентираниот Рустенг прикажа многу повеќе светкави парчиња, фустани со интересни отвори, долги наметки, секси деколтеа, хеланки под фустаните, транспарентни панталони, кожени парчиња, долги елеци, плетенини, но и раскошни фустани за на црвен килим.

Со ова, тој дефинитивно докажа дека брендот е подготвен за освојување на новите пазари како што впрочем и се очекуваше кога истиот беше купен од катарската компанија.

Како и секогаш, боите на парчињата беа едноставно совршени, почнувајќи од прекрасни земјени тонови, па сѐ до сина, зелена, виолетова, црвена, сива и неизбежната црна.

Со оваа колекција дизајнерот дефинитивно им се спротивстави на сите критики и уште еднаш докажа зошто девојките го сакаат, а и зошто сите оние од Блискиот Исток, допрва ќе се „заљубат“ во него. 

Објавено:
30 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
367 пати