Новата колекција на Живанши посветена на андрогената убавина

1 октомври 2018

Својот личен афинитет и симпатии кон „машката" облека, Клер Вејт Келер ги доведува до совршенство преку естетиката на новата колекција на Живанши, за сезоната пролет-лето 2019.

Андрогената убавина е изворот на инспирацијата која добива свое модерно олицетворение во моќната, доминантна, современа жена за која креира Живанши.

Својот прототип на муза, Клер за оваа колекција, го пронаоѓа во ликот на швајцарската писателка и фотографка, Анемари Шварценбах, која голем дел од својот живот во својот стил ја аплицирала машката естетика, анулирајќи ги границите меѓу облеката поделена на полова основа.

Акцентот е ставен на милитари стилот што го диктира дизајнот на голем дел од парчињата, како панталоните со висок струк и нагласена половина со ремен, како и „војничките" капути во строг крој и варијација на бои од карамела нијанси до тегет и минт тонови.

Но, истовремено ова е колекција облагородена со исклучително женствени парчиња, што веќе ги гледаме како потенцијални фаворити на холивудските црвени килими. Тука мислиме на макси тоалетите со нагласена половина или оние со опуштена и полежерна линија, раскошните модели во силвер тонови, како и оние со плисирани детали – што веќе во неколку наврати ги видовме на модните писти оваа сезона.

Фото извор: Vogue.com

Објавено:
1 октомври 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
234 пати