Новата романтична сказна на Envy room

30 август 2017

Вчеравечер хрватското дизајнерско дуо Envy room, ја презентираше својата нова колекција наменета за претстојната сезона есен-зима 2017. Со оваа линија се надоврзаа на веќе препознатливиот романтичен карактер, секогаш присутен во нивниот дизајн. Овој пат сказната е инспирирана од морскиот свет што веднаш ќе го воочите преку рачно везените детали во форми од морската флора и фауна, како и бисерите присутни во дизајнот на речиси сите парчиња од колекцијата.

Транспарентните материјали се уште еден базичен императив на оваа колекција, скроени како макси фустани, кошули или наметки, комбинирани со долна облека, панталони или комбинезони.

„Акцентот го ставивме на фустаните и комбинезоните, иако има и капути, јакни, здолништа, блузони... Си поигравме и со боите. Иако колекцијата во основа е црно-бела, додадовме и златна, сребрена, сина и црвена во склад со синтагмата „dark romance". Како што гледате, нашиот рецепт е едноставен, малку боја, малку ретро шик и многу женственост, како Wednesday Addams во романтично руво", велат дизајнерите Иванчевиќ и Франетовиќ за elle.hr.

Фото извор: elle.hr/Матеја Врчковиќ

Објавено:
30 август 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
303 пати