Нови ready-to-wear колекции за мажи за пролет 2015

16 јуни 2014

Веќе одреден период жените се во фокусот на модниот дурбин на медиумите ширум светот поради актуелните промоции на ресорт колекциите на големите дизајнерски имиња за 2015 година. Меѓутоа, модната сцена почнува да го свртува вниманието и кон мажите. Познатите модни брендови и нивните креативни тимови почнаа со презентација на најновите ready-to-wear колекции за мажи за пролет 2015 година. Први кои ќе го скршат мразот одлучивме да бидат модните брендови Данхил и Гивс и Хокс. Погледнете кои ќе бидат актуелните модни перформанси за следната пролет според модните визии на креативните директори на овие два бренда.

Данхил

Во неговата прва колекција за пролет-лето 2014 за мажи, креативниот директор на брендот Данхил, Џон Реј реши да промовира смалени пропорции во однос на изгледот и кројот на моделите во последните години. Новата ready-to-wear колекција може да се окарактеризира како контрастна модна приказна.Имено кратките панталони се споени со долги капути, блејзери, лесни џемпери кошули и поло маички.

Данхил Данхил

Полежерните парчиња имаат едноставна линија, правоаголен крој во однос на кошулите, поло маичките ја следат линијата на телото, лесните капути брановидно паѓаат по должината, а панталоните се припиени и кратки. Лежерните парчиња дозволуваат и експериментирање во однос на боите, а како најзастапени се маслинесто зелената, окер, црвената, сината, сивата и белата. Во однос на дезените кај дел од моделите доминираат тропските и егзотичните апликации за да се нагласи позитивното расположение и сончевите денови.

Данхил Данхил

Останатите модели се одликуваат со малку поформален и попрефинет дизајн и во однос на кројот, но и во однос на дезенот. Тесните цигара  панталони со класична линија одат во комбинација со сакоа со должина до колкови, кошула и вратоврска или пеперутка вратоврска. Овде палетата на бои е посмирена, па така доминантни нијанси се сината, белата и сивата како и стилски микс од истите.

Данхил Данхил

Како лежерните, така и поформалните креации се комбинирани со модни додатоци, а акцентот падна на малите марами за околу врат и големите чанти во форма на патнички торби кои совршено се вклопуваат и во двата изгледа.

Гивс и Хокс

Модниот бренд за мажи Гивс и Хокс, продолжува да креира колекции и докажа дека доколку се работи напорно во модниот свет има место за сите креативни и талентирани дизајнери. Креативниот директор Џејсон Басмеџијан, реши новата ready-to-wear колекција за пролет 2015 година за мажи да ја збогати со инвентивни модни додатоци и аксесоари кои дефинитивно ќе им дадат една нова димензија на топлите денови.

Гивс и Хокс Гивс и Хокс

Дизајнерот се реши за класична линија на модели без многу експериментирање во однос на палетата на бои. Во фокусот се кафената, белата, црната, сината и сивата боја.

Гивс и Хокс Гивс и Хокс

Костумите пленат со класика и елеганција. Панталоните се со рамен крој, во комбинација со кошула, сако, вратоврска, пеперутка вратоврска, очила за сонце и чанта. Дезенот на џемперите изработени од лесен материјал е во типичен морнарски фазон, а изборот на материјали е со свежа и летна текстура, па така најзастапени се ленот и памукотл, додека еспадрилите се заштитен знак на секоја комбинација. Креациите пленат со неверојатен стил, шармантност во однос на кројот и софистицираност во однос на дизајнот.

 

 

 

Објавено:
16 јуни 2014
Категорија: 
Колекции