Во реновираниот хотел „Риц“ во Париз вчеравечер се одржа традиционалната Métiers d'Art ревија на „Шанел“ насловена годинава како „Paris Cosmopolite“, која секогаш отскокнува од стандардниот распоред.

Овие модни шоу-а на модната куќа се посебни бидејќи имаат цел да ја истакнат почитта и важноста на рачната изработка.

Карл Лагерфелд и овој пат ги исполни сите очекувања. Лили Роуз Деп беше девојката која ја отвори ревијата, а освен неа во новите креации го видовме и Фарел Вилијамс, Џорџија Меј Џегер, Софија Ричи, како и Кара Делевињ, на која ова ѝ беше прво враќање на пистата.

 

Последната ревија на која се појави во функција на манекенка, беше исто така за „Шанел“, но за пролетната колекција претставена во октомври минатата година.

 

Дизајнерот отстапи од традиционалното и кога е начинот на презентирање во прашање. Моделите не само што прошетаа помеѓу масите во салата на некогашниот дом на Коко Шанел (наместо на писта), туку и танцуваа.

 

А кога се креациите во прашање, приказната се задржа во рамките на познатата Шанел естетика.

Препознатливиот твид овој пат се комбинираше со тантела и секако сезонава неизоставното кадифе. Фустани, капути, здолништа беа дел од креациите, а особено внимание привлекоа капри-панталоните со копчиња. На комбинацијата на црна и бела, Лагерфелд ги додаде и златната, сината и розовата.

 

Имајќи предвид дека оваа колекција ја слави рачната изработка, не изненадува фактот дека посебно внимание е посветено на деталите.  Во духот на сезоната, светките доминираа, а воодушевување предизвикуваат и креациите со златни нишки што оддаваат впечаток на реси, потоа аплицираните пердуви од ној, златните везови особено доминантни на палтата и здолништата. Палтото со вез и крзно е дефинитивно едно од оние што ќе ви останат во сеќавање.

 

Ако мислевте дека актуелноста на цветните апликации и „круни“ заврши, Лагерфелд ни порача дека не е така. Во црна и розова боја, со вел или без, дизајнерот посочи дека женственоста и мистичноста ѝ прилегаат на вистинска дама.

 

За потсетување, минатата година Métiers d'Art ревијата се одржа во Рим, пред тоа во Салцбурк, а пред тоа во Далас, Единбург, Мумбаи, Њујорк.

Објавено:
9 декември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
246 пати