NYFW: Киксот на „Оскар де ла Рента“ и збогувањето на „Проенза Скулер“

14 февруари 2017

Почетокот на оваа седмица на Њујоршката модна недела го одбележаа ревиите на неколку големи имиња.

Брендот „Проенза Скулер“ ја презентираше својата последна колекција во Њујорк, пред преселувањето во Париз, Каролина Херера уште еднаш покажа зошто опстојува 35 години на модниот пазар, додека тимот на „Оскар де ла Рента“ се соочи со критики.

Во продолжение следи прегледот на ревиите:

 

Лош ден за „Оскар де ла Рента“

Понеделникот и не беше баш најсреќен за тимот на овој бренд. Особено Ким и Гарсија, кои повторно се вратија во „Оскар де ла Рента“, по заминувањето на Питер Копинг. Како пренесува британскиот „Вог“, „Една од завесите не се отвори, поради што половина од публиката не можеше да види ништо, освен кратки појавувања на моделите, кога поминувале зад завесата“. Модните стручњаци тоа го толкуваат како грешка во организацијата, а со оглед дека на тмот ова не му е прва ревија, простор за грешки и нема баш.

За потсетување, Ким и Гарсија работеа со Оскар де ла Рента сè до неговата смрт. Потоа отворија свој бренд „Monse“ (кој исто така имше ревија вчера, веднаш после оваа),  за чија популаризација придонесе Сара Џесика Паркер. Таа носеше нивна креација на Мет Галата во 2016 година и веќе немаше некој што не знаеше за овој бренд. Во меѓувреме Питер Копинг беше одговорен за креативата. Ова е нивна прва ревија по врќањето во модната куќа и веројатно воопшто не очекувале вакви реакции.

Освен за завесата, тие добија забелешка и за креациите. Иако во нив точно ќе ја препознаете естетиката на оваа модна куќа, модните стручњаци прокоментираа дека недостасува иновативност. Задржани се раскошните силуети на фустаните и строгите кроеви кај капутите и оделата. Но, тоа веќе го знаеме. Цвеќето, омилениот прин на Де ла Рента, повторно беше употребено, особено кај модните додатоци – ремените и чантите. Постои и коментар дека парчињата се за помлади, што и не е така лошо. Не може да се рече дека оваа колекција не е добра, и со сигурност ќе биде продавана, но дизајнерска двојка ќе мора малку да се охрабри во играта со кроеви и такенини. А придобивањето на нови, млади клиенти е одлична насока.

 

Збогувањето на „Проенза Скулер“

Модното дуо Џек Мекалоу и Лазаро Хернандез, најави дека ова ќе биде нивната последна ревија во Њујорк, затоа што бизнисот го селат во Париз.

-Тоа не значи дека нема повторно да се вратиме, само во моментов мислиме дека ова е најдобро за нашиот бренд – изјавија дизајнерите.

А во рамки на оваа есенска колекција за збогување, тие претставија урбани и волуменозни парчиња. Логото на брендот успешно го вметнаа во патентите на јакните, ранците, во црвена и бела варијанта. Мошне впечатливо, но не и нападно.

Асиметричноста, односно играта со кроеви, како и со принтови и материјали (металик ткаенини, светкави, памучни, лакирани), направија разиграна приказна. Комбинациите со плисираните здолништа што се апсолутен хит веќе неколку сезони, се нешто што со сигурност ќе го гледаме на уличната мода.


Успешноста на Каролина Херера

Кога ќе слушнете „Каролина Херера“, тогаш мислите на црно-бели комбинации, на безвременска класика. Така и овој пат. Но, без оглед на тоа, за неа не можете да кажете дека е здодевна или пак дека не е тренди.

-Се работи за прилично некомплицирана силуета. За мене, колку работите се поедноставни, толку се помодерни. Понекогаш, кога работите ќе станат премногу комплицирани, местото им е во циркус – смета дизајнерката.

Нејзината најнова колекција може да се толкува како смирена елеганција. Белите кошули доаѓаат во комбинација со карнери, високи околувратници и панделки. Во комбинација со кожени јакни или здолништа изгледаат совршено. Исто така, Херера за следната есен понуди и плетенини во поинтензивни бои, како на пример портокаловата.  Го вклучи и кадифето, кое одлично се вклопи во естетиката. За приказната да биде целосна, презентираше и неколку долги фустани, со доза на сексапил, кои би биле добар избор и за некој црвен килим.

-Со оваа колекција сакав да ја покажам сржта и есенцијата на куќата „Херера“ – потенцираше дизајнерката. И секако, без сомневање, успеа во намерата.

Објавено:
14 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
387 пати