На претпоследниот ден од модната недела

NYFW: Колекции посветени на различноста на жената

17 септември 2015

На претпоследниот ден од модната недела во Њујорк, се претставија неколку популарни модни брендови и имиња, а во секоја од колекциите можевме да препознаеме едно различно лице на жената – лежерна, деловна, секси, страствена, принцеза, женствена, нежна. Пронајдете ја вашата омилена.

Мајкл Корс

Ако сте од оние што ја сакаат работата на Мајкл Корс, веруваме дека и овој пат ќе ви се допадне она што го презентираше како тренд за наредната пролет. Она што веднаш се забележува е поделеноста на естетиката. Од една страна се по малку андрогените креации, а од друга женствените креации со флорални принтови, што веројатно ве потсетија малку на последната колекција на Оскар де ла Рента. Имајќи предвид дека американскиот дизајнер е еден од оние што добро продаваат, нема сомнение дека и овој чекор е добро промислен и ќе биде успешен.

Наим Кан

Дизајнерот Наим Кан за пролетната колекција користи мноштво бои, кои како да треба да ја претстават сета инспирација употребена за создавање на истата. Патот во Мексико и Фрида Кало, а потоа и оној на Медитеранот каде фасцинацијата кон цвеќињата кулминира, оставаат трага во новите креации. Исто така, преку силуетите, Кан ги вметнува и Грејс Кели и Софија Лорен како негова вечна инспирација. Иако креациите се мошне живи и привлечни, од мноштвото инспирации како да се загуби пораката што сака да ја прикаже. Зад сцената дизајнерот посочи дека на колекцијата работеле 600 луѓе, што несомнено одлично си ја завршиле работата, но високите платформи на чевлите го намалуваа крајниот ефект.

DKNY


На домашен терен, тимот на DKNY во оваа пролетна колекција се наврати малку наназад. Едно од хитовските парчиња во 1990-тите на оваа куќа беше токму сакото со суптилни риги, што е централно парче и во колекцијата за пролет 2016. Формалната нота е присутна низ целата колекција, во комбинација со лежерноста. Кога се боите во прашање, монохроматските нијанси доминираат. И иако многумина ќе се согласат дека колекцијата наликува на DKNY, постои мислење дека дизајнерското дуо зад овој бренд,  Дао Ји Чоу и Максвел Осборн не ја завршиле работата до крај и сè уште треба да учат за DKNY жената.

Маркеза


За пролет 2016 година, тимот на Маркеза се осврнува кон природата. Инспирацијата пронајдена во небото, птиците е преточена во креации со свечена нота. Од транспарентни материјали и тесни кроеви, корсети (што би требало да ја претстават птицата во кафез), до раскошни тоалети со пердуви и омбре ефект, Маркеза нуди спектар и на бои и на кроеви за различни модни вкусови. А ако отсекогаш сте сонувале да бидете Дизни принцеза, во дел од креациите од оваа колекција веројатно и би се почувствувале така.

Проенца Скулер

„Шпанија во Њујорк“, така би можела да се наслови најновата колекција на дуото Проенца Скулер. Но, не се работи за онаа Шпанија што се најде во колекцијата на Питер Копинг. Овде во центарот се ставени фламенко фустаните, како и оние без раменици. Белата, црната и огнената црвена се уште една асоцијација на оваа земја, како и популарните црни панделки. Разиграно и секси, за што придонесуваат и мрежестите и транспарентни материјали, оваа колекција ќе ги освои оние жени што себеси се доживуваат како страстни.

 

Објавено:
17 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
630 пати