NYFW: Мајкл Корс покажа зошто е најпродаван

15 септември 2016

Осмиот ден, воедно и претпоследниот од модната недела во Њујорк, помина во знакот на долгоочекуваните ревии на Мајкл Корс и Ралф Лорен.

Во ист ден со нив своите пролетни колекции ги претставија и Неим Кан и „Маркеза“, а во продолжение ви го извдвојуваме најдоброто од нив:

 

Мајкл Корс – најдобар дизајнер меѓу бизнисмените

Навистина Мајкл Корс покажа дека е еден од најдобрите бизнисмени меѓу дизајнерите, до тој степен што би можело да се каже веќе дека е и најдобар дизајнер меѓу бизнисмените. И овој пат не потфрли во практичноста и формата, презентирајќи женствена колекција, во која секоја жена ќе најде макар едно парче што ќе ѝ се допадне. Токму затоа е и еден од најпродаваните.

Мешајќи ги цветните принтови, со едноставните црно-бели комбинации, тој создаде парчиња за секој сегмент од денот на една современа жена. Всушност, инспирацијата ја наоѓа во жените како Барбара Стенвик, Кетрин Хепберн или Ким Бесинџер за кои ќе каже дека се „заводливи, провокативни жени, но со контрола“. Токму таква е и колекцијата.

Иако ниту еден дизајнер не сака кога ќе се случи пад на пистата, сепак паѓањето на Бела Хадид на вчерашната ревија на дизајнерот веруваме била само плус во медумското внимание.

 

Дивиот Запад на Ралф Лорен


Оваа естетика воопшто не изненадува кога е Ралф Лорен во прашање, како американски дизајнер. Тој понуди комбинација на бохо-стил и вестерн, што веруваме ќе наиде на голема публика. Ресите, плетенините, како и парчињата со етно-принт, и јакните се нешто што според дизајнерот треба да биде вистински хит наредната пролет-лето сезона.

Посебно впечатливи за нас се модните додатоци. Чизмите до глужд, како и вестерн шеширите и интересните метални ремени, иако доаѓаат од друга ера, многу лесно можат да се вклопат во денешната естетика на една модерна дама, а Лорен тоа и го покажа, комбинирајќи ги на фустани што ја следат линијата на телото, или со женските одела. И накитот не е ништо помалку впечатлив, со што дизајнерот сосема ја заокружи својата приказна за Дивиот Запад во денешницата.


Наим Кан и диско од 1970-тите

Штом се спомне името на овој дизајнер се очекува гламур. Овој пат, гламурот е посведен. Новата колекција започнува со неколку лежерни фустани во колор-блок форма, што веднаш ни го привлекоа вниманието. Оваа модна приказна на Кан инспирирана како што вели од диско-ерата на 1970-тите, продолжува во бохо-стил со цветни мотиви.

Инаку, ревиите на овој претпоследен ден од модната недела во Њујорк, генерално изобилуваат со флорален принт како водечки тренд. Она што посебно ни се допадна се металик-коктел фустаните со цветен принт во предниот дел, како и оние плетените. Кан ја заокружува својата приказна со неколку балски фустани, како и оние со реси. Во секој случај, егзотично и привлечно за сите што го сакаат сјајот.


„Маркеза“ - гламур за црвен килим

Уште една колекција од бајките на оваа модна недела. Инспирирани од изгрејсонцето, ревијата на „Маркеза“ започна со фустани во нежни розови нијанси, па сѐ до комбинација на виолетово-портокалови. Креациите, што на некои им изгледа како да се направени од шеќер, потоа преминуваат во црно-златни комбинации, односно во креации во нијанси на сина, што би можеле да асоцираат на ноќ, односно светлината на ноќното небо.

Дел од свечените креации, се збогатени со 3Д цветни апликации. „Маркеза“ знаат што се бара на црвениот килим, затоа и информацијата дека дел од креациите веќе се резервирани за неколку познати личности за претстојните „Еми“ награди, воопшто не нѐ изненадува. 

Објавено:
15 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.531 пати