Шестиот ден од актуелната модна недела во Њујорк помина во знакот на бројни познати имиња. Своите колекции за сезона есен-зима 2017/18 ги презентираа Тори Бурч, Брендон Максвел, Денис Басо, Нарцисо Родригез, „Коуч“, Наим Кан, Беџли Мишка...

Секој со своја инспирација и замисла ги претстави трендовите за споменатата сезона. Ако бараме заедничка нишка во сите колекции, би можело да биде присуството на металик или светкави ткаенини (Денис Басо, Беџли Мишка, Наим Кан), како и присуството на крзното (од детали до цели креации), забележливо особено во колекцијата на Денис Басо, но и кај „Coach“, Беџли Мишка или Тори Бурч.

А кога веќе ја споменавме британската дизајнерка, кај неа пак, посебно е изразена играта со принтови, што до некаде и е карактеристично за нејзината естетика. Во комбинација со луксузни везови и такении, таа прикажа една разиграна колекција која изгледа мошне луксузно.

Разиграност покажа и Наим Кан, исто така преку играта со принтови и богатите украси, воден од различноста на луѓето. И „Coach“ игра со принтовите и такенините. Но, носталгичната приказна и сценографијата што потсетува на американски ранч, дава сосема друга димензија на оваа колекција. Во кафени тонови, со детали од кожа, крзно и различни принтови, карнери, добивате микс на новото и старото.

Луксузност, светкави креации доминираат и во колекцијата на Беџли Мишка, кој се обиде да постигне баланс со по некоја секојдневна комбинација во пастелни нијанси и крзнени детали.

Но, иделани секојдневни комбинации, што веруваме дека често ќе ги гледаме на уличните „модни шоуа“ се оние на Нарцисо Родригез. Тој создаде колекција што секоја жена што сака да биде тренди, а сепак кул би сакала да ја носи. Волуменозни парчиња, сведена палета на бои, јасни кроеви и силуети е нешто што сосема нè освои и беше полн погодок од негова страна. Можеби не е нешто ново видено, но е одлично спакувано.

Нарцисо Родригез

(првите две лево) Брендон Максвел - (двете од десно) Тори Бурч

Во тоа до некаде го следеше и Брендон Максвел, кој пак презентираше, очекувано, колекција во која доминира црната боја. Со урбани креации од кожа, во комбинација со плетенини, тој се посвети на актуелното, не толку осврнувајќи се на минатото. Асиметричноста, карнерите како мошне актуелни детали и крзното сигурно ќе ги освојат почитувачите на неговата работа и ваквата естетика.

Во галеријата погледнете го нашиот избор од вчерашниот ден и одберете ги своите фаворити.

Објавено:
15 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
419 пати