Седмиот ден од актуелната модна недела во Њујорк за сезона пролет-лето 2017 помина во знакот на неколку познати имиња.

Меѓу другите, своите колекции ги претставија и Тори Бурч, Вера Ванг, Рим Акра, „Родарте“, Моник Луилие, Денис Басо, Брендон Максвел, Нарцисо Родригез... Ние направивме наш избор, за што читате во продолжение:

 Иако со ревијата на Нарцисо Родригез заврши вчерашниот ден, ние ќе започнеме од него. Дизајнерот понуди свечена колекција со минималистички парчиња, што го привлекуваат вниманието на сите љубители на таквата естетика.

Нарцисо Родригез

Со доминација на црна, бела и сребрена боја, Нарцисо понуди спектар на парчиња кои лесно можат да се комбинираат и во „уличните“ комбинации. Она што се забележува е дека дизајнерот одел на сигурни и веќе проверени трендови, создавајќи колекција со класични тесни панталони, долги и широки кошули, широки наметки, како и “slip”  фустани.

Нарцисо Родригез

За да не е сѐ монотоно, тој вклучува и малку сјај, па дел од споменатите парчиња се збогатени и со делови од мониста, светки и пердуви со сјај, како и со вметнување на парчиња во трендовската окер и розова.

Нарцисо Родригез

Ако зборуваме за црно-бела естетика, тогаш Вера Ванг претстави токму таква колекција речиси во целост. Доминираа јакни, со корсетски дел во пределот на половината. Впечатливи беа и широките ракави, како пришиени за јакните, кои понекогаш беа и во темнокафена и тегет нијанса.

Вера Ванг

Она што е впечатливо во оваа пролетна колекција на Ванг, се мошне долгите ракави, како и пеплум шорцевите. Посебен дел од колекцијата заземаа и креациите украсени со бели и црни бисери.

Вера Ванг

Структурираноста, строгите кроеви беа трендот што дизајнерката го позиционираше како водечки и за следната сезона.

За разлика од неа, Тори Бурч остана доследна на шаренилото и понуди весела колекција, со мноштво принтови. Вели, овој пат се инспирирала од нејзиното детство, кое се одвивало на релација Палм Бич и Англија, поточно Северен Јоркшир.

Тори Бурч

-Инспирирана бев од носталгијата. Создадов парчиња што потсетуваат на шикот од 1960-тите, но има и парчиња што се навистина лежерни – открива Бурч.

За сите што ги обожуваат принтовите, ќе ви се допаднат флоралните долги здолништа со висок струк, како и лелеавите фустани. Фустаните и комбинациите од перфорирани ткаенини навистина нѐ потсетија на тоа зошто го сакаме летото, како и целиот богат колорит на колекцијата кој опфаќа бела, зелена, сина, портокалови нијанси, црвени итн...

Тори Бурч

А за оние што ја сакаат женственоста и елеганцијата, на овој седми ден од модната недела во Њујорк се претставија и „Родарте“, Моник Луилер, Рим Акра.

„Родарте“ понуди романтична колекција инспирирана од два филма и тоа – шпанското остварување од 1973 „The Spirit of the Beehive“  и  „Janis: Little Girl Blue“, документарниот филм за легендарната пејачка.

Родарте

Всушност, романтичното е во спој со готското. Тантелата е во комбинација со крзно и металик детали, како и мониста. Дел од креациите се инспирирани од Џенис Џоплин, па затоа и кожените јакни не се изненадување.

Моник Луилие се наврати на своите почетоци. Пред 20 години го започна бизнисот со венчални фустани, а пред шест години го започнува и делот со ready-to-wear. Тоа е инспирацијата и за новата пролетна колекција, која всушност претставува надоградување на првите. Палетата е во боите на шеќерна волна.

Моник Луилие

Од нежна лаванда, преку минти зелени, креациите изработени од тул, тантела и шифон зрачат со нежност. Дел од фустаните како да беа создадени за принцези од бајките, а романтичноста и нежноста беа „пресечени“ со црни ремени и ленти имплементирани во комплетниот изглед. Исто така, Моник создаде и неколку креации од светки и мониста.

Моник Луилие

Иако, ова не е нешто во што секоја жена би се пронашла, сепак за оние што ја сакаат нејзината естетика ќе бидат позитивно изненадени. Исто така, дизајнерката колекцијата ја заокружи со комбинезон изработен од цветно ламе, што е полн погодок.

Рим Акра се инспирираше од 1980-тите, но остана доследна на својoт препознатлив стил. Тантела, во комбинација со тул, што дава ефект на секапил, но и романтичност е во центарот и на оваа колекција.

Рим Акра

Она што е изненади е зголеменото присуство на кратки фустани или кобминации со куси панталончиња, бидејќи тие се секогаш во втор план ставени.

Рим Акра

Како и да е, дизајнерката секогаш размислува деловно, па нема сомнение дека на прагот од новата сезона на филмски манифестации, нејзиниот труд ќе биде добро награден и претставен меѓу познатите.

Објавено:
14 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
467 пати