Облеката за кукли на Москино хит во Милано

23 септември 2016

На вториот ден од Модната недела во Милано, беа прикажани уште неколку интересни колекции кои беа вистинско олицетворение на колорит, забава и по малку женственост и елеганција. Модното лудило во Милано го продолжија Макс Мара, Карл Лагерфелд и Фенди, Прада, Емилио Пучи и секогаш „откачениот“ Џереми Скот и Москино. Погледнете!

Фенди

Карл Лагерфелд прикажа уште една интересна колекција за модната куќа Фенди која оваа година слави 90 години постоење. Новата колекција на дизајнерот ја одбележаа женствени форми, претежно baby doll фустани со интересни ракави, нежни и романтични широки здолништа, транспарентни кошули украсени со прекрасни апликации, блузички со интересен крој, но и одлични женски палта, џемперчиња и како и секогаш – одлични модни додатоци. Ревијата започна со прикажување на малку поинаква форма на џемперчиња комбинирани со широки панталони до глужд, но и здолништа облечени врз панталоните. Видовме и интересни куси јакни, миди ретро фустани, цела палета на транспарентни парчиња во прекрасни бои, многу суптилни, но совршени украси аплицирани на парчињата, романтични моменти, фантастични материјали, ласерски сечени парчиња, плисиран шифон и што уште не. Погледнете!

Макс Мара

Одличниот тим на Макс Мара за следната топла сезона претстави навистина интересни парчиња кои иако навидум спортски, имаа одредена доза на гламур и елеганција што особено ни се допадна. Речиси низ целата колекција се провлекуваа тропски принтови како палми и листови од други растенија, но имаше и фантастични парчиња кои беа вистинско олицетворение на женственоста, како колоритните комбинезони и секако, неизбежните црни. Шик јакни, хеланки, блузони, куси јакнички, зелени кошули, долги и елегантни мантили, панталони со висок струк, но и тотално тренди фустани со транспарентни и крзнени делови беа само дел од одличната колекција на брендот. Комбинациите беа надополнети со интересни качкети во различни бои, очила за сонце, ремени, чанти и идентични кломпи во различни бои за сите стајлинзи.

Прада

Како што самата Миуча Прада изјави пред почетокот на шоуто, овој пат, наместо да ја истражува историјата на жените, таа се погрижи да направи нешто сега и тука, обидувајќи се да ја најде совршената елеганција. Со оваа колекција и парчињата од истата се чини како таа да се врати назад кон 90 – тите и целиот минимализам за кој се грижеа тогаш. Ревијата започна со црно здолниште и кратка црна маичка, за подоцна да видиме мантили со интересно закопчување и крзно на ракавите, маички облечени врз кошули со принт комбинирани со интересни супер кратки здолништа со килоти, женски костими со интересни детали, широки бомбер јакни со уникатен принт, ретро палта и здолништа со шлиц, но и по некое елегантно фустанче со крзно во црна и нежна крем боја. Како и секогаш, така и овојпат, дизајнерката прикажа навистина посебни модни додатоци, меѓу кои и уникатни сандали со крзно, многу цветови, интересни ремчиња и светкави детали. Миуча Прада уште еднаш покажа навистина интересна и секогаш уникатна колекција.

Москино

Како што и очекуваа сите, Џереми Скот уште еднаш прикажа навистина колоритна и забавна колекција, овој пат, можеби и најзабавна досега. Сигурно се сеќавате на оние времиња кога сите обожававме да сечеме облека за кукли од хартија... Токму ова дизајнерот го преточи во цела колекција, нормално, овој пат во големи величини. Посочувајќи на прекумерната употреба на технологијата, тој прикажа навистина интересни парчиња, кои иако не толку носливи, сепак оставија впечаток на пистата. Скот нѐ потсети на времето кога овие искрени игри беа единственото нешто за што се грижевме, па така поголемиот дел од публиката која некогаш имала допир со хартиените облеки за кукли, беше навистина носталгична. На пистата видовме интересни материјали на кои беа исцртани вечерни фустани, црно боди со тело на жената – мачка, тесни парчиња со бујно деколте, но имаше и некои навидум обични свилени фустани кои ќе бидат совршен избор за топлите летни ноќи. Како и да е, Џереми Скот дефинитивно прикажа уште една колекција со која ги преплави социјалните мрежи.

Објавено:
23 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
339 пати