Од Њујорк модата се сели во Лондон

14 септември 2013

Лондон

Видовме како изгледа модата на модната недела во Њујорк, а сега следи Лондон. Иако вчера беше петок 13, првиот ден од лондонската модна недела на која ќе се претстават трендовите за пролет 2014 започна одлично.

Она што е интересно околу распоредот е што големите дизајнерски имиња се распределени рамноправно секој ден, за да нема преклопувања, како и за да може секое од нивните шоу-а да се проследи со еднакво внимание.

Иако е се уште рано да зборуваме за трендовите, сепак од Лондон се очекува многу, бидејќи е познат по тоа што одлично ги комбинира различните стилови.

На првиот ден акцентот беше ставен на класични, елегантни и веќе проверени изгледи, како и шик изгледи за девојки, а од боите беа застапени монохроматските нијанси, како и пастелните.

Честа да ја отвори манифестацијата имаше турскиот дизајнер Бора Аксу, кој се претстави со една светла и весела колекција со лелеави фустани и здолништа во лимон жолта боја, сина и светло розова.

Дел од првиот ден беа и сестрите Фелдер, како и Жан-Пјер Браганза кој ги спои невиноста со сексапилот на девојките, мешајќи бои и ткаенини.

Макси здолништата се покажаа како тренд кој ќе биде актуелен и наредната пролетна сезона.

Во текот на петдневната манифестација, ќе се претстават 58 дизајнери и брендови, вклучувајќи ги и Брубери, Вивијан Вествуд, Џулијен Мекдоналд, Стела Макартни, Мулбри.

Во продолжение погледнете ги најитерестните моменти од ревиите од првиот ден.

Објавено:
14 септември 2013
Категорија: 
Колекции