Ода за 1970 – тите во кампањата на Клое

8 јануари 2015

Креативната директорка на модната куќа Клое, Клер Вајт Келер, овој пат се појави во улога на фотограф позади сцената, специјално за снимањето на рекламната кампања за пролет – лето 2015 година.

Како што и сама вели креативната директорка Клер Вајт Келер во кампањата за новата пролетна колекција сакала да ја прикаже и долови вистинската убавина на 1970 – тите и судејќи според фотографиите се чини дека успеала во својата цел.

Главните хероини во оваа сончева приказна се Енико Михалик и Каролин Трентини кои својот спокој го најдоа на калифорнискиот брег во прегратка на белите коњи. Нивните развеани прамени коса, осветлени од сончевите зраци, свежината и природниот сјај, нежната кожа и едноставната шминка, целосно потсетуваат на идеалот од 1970 – тите. Кампањата во која овие две девојки како вистински деца на сонцето комплетно се спојуваат со природните убавини на Калифорниските брегови и јавајќи на белите коњи, облечени во макси, предимензионирани фустани, блузи и кошули, буквално го одземаат здивот.

Прекрасната приказна која изобилува и со црно – бели фотографии ја снимија Инес и Винод, додека креативната директорка ги „ловеше“ најинтересните моменти позади сцената. Лесните материјали, џинсот, превртената кожа, макси романтичните фустани, очилата за сонце во кружен облик, на еден модерен начин евоцираат спомени од најпопуларната ера за оваа сезона.

„Оваа сезона бев во потрага по вистинската убавина на 1970 –тите. Навистина сакав да го оживеам сјајот на таа ера. Благодарна сум им на Инес и Винод за професионалната соработка и одличните фотографии. Задоволна сум од крајниот резултат“, вели Клер Вајт Келер во официјалната изјава за медиумите.

Објавено:
8 јануари 2015
Категорија: 
Колекции