Омајгад лансираше нова колекција маички со кул натписи!

18 април 2015

Во кафе барот Љубов денеска беше лансирана новата колекција на секогаш креативните Омајгад, кои уште еднаш понудија супер маички со кул натписи.

DSC_4075sredena

Овојпат, колекцијата е составена од три натписи за возрасни, испечатени на темно сини и црвени маички, а новитет е детската колекција за која од Омајгад велат дека има „луд“ интерес.

„ Ова е прва детска колекција, тест колекција, направивме малку маички, но еве тие се покажаа како ултра успешни, така што сигурно ќе се печатат уште. Интересот е неверојатен, лудо е, јас се чувствувам дури малку како потресен (се смее). Инаку, колекцијата е составена од три натписи за возрасни деца и два натписа за мали деца. Почнав да ја правам некаде во септември, ја работев до Нова година по што ги пуштивме на принтање маичките за да видиме како ќе излезат, излегоа супер, па ја договоривме фотосесијата со Ани и Дими. Боите овојпат се црвена и темно сина со што сакавме да поставиме некој тренд за ова лето, а шаренилата кај маиците се токму во боите“, вели Гоце Велески, главниот дизајнер на Омајгад.

Она што е особено интересно кај маичките на брендот е што на истите секогаш се впишани неверојатно креативни натписи кои привлекуваат огромно внимание и интерес.

„Креативноста за натписите ја црпам од сето она што се случува во градов. Натписите се произведени од сите луѓе со кои се сретнувам, со кои правам муабет и од многу други работи. Инспирација ми се хејтерите што го хејтаат ова, диџеј Васо ми е инспирација кој е старец кој се понаша како да има 19 и многу други луѓе. За натписот „Секси сум си“, ме инспирираше моето его (се смее). За „Тебе да те серат кокошките“, инспирација ми беше мојата мајка зашто она на сите деца им вика “Да те серат кокошките...“, на што јас и одговарам дека може не сакаат тие дечиња да ги серат кокошките (се смее)“.

На прашањето дали наскоро можеме да очекуваме проширување на колекцијата маички и можеби и некои други интересни парчиња, Гоце вели:

„Сега со детската колекција малку се проширивме, а за сето понатаму сѐ зависи од нашите конфекции. Има проблем во принципот на тоа дека јас не нарачувам големи колични и не сум Кина, туку имам помали количини кои се пробни. Јас сето ова го правам од љубов, од ќејф, без никаков посебен профит. Ако не е можно тука, на крај ќе отидеме во Белград за да направиме сѐ како што треба. Инаку, маичките се целосно македонски производ, се шијат во Прилеп, се печатат во Скопје, а од следната недела ќе почнеме да ги дистрибуираме низ цела Македонија“, завршува Гоце од Омајгад, со порака дека луѓето што носат „Омајгад“ маички ќе бидат кул оваа пролет!

Објавено:
18 април 2015
Категорија: 
Колекции