Оскар де ла Рента - фокус на графичките принтови врз женствените силуети

16 мај 2014

„Ресорт колекцијата не значи ништо. Кој би купил облека посебно наменета за патување“, запраша Оскар де ла Рента на вчерашното претставување на својата нова ресорт колекција за 2015 година во Њујорк, алудирајќи на тоа дека ова се парчиња носливи во различни пригоди и адекватни за повеќе сезони.

Линијата започнува со дводелни црно-бели варијанти со фокус на графичките принтови и со комбинации од фустан-палто со кратки ракави во неколку монохроматски варијанти. Минималистичкиот спој на црната и белата продолжува и кај коктел здолништата со мини и миди должина во А крој, а додека елегантните тоалети со нагласена женствена линија препознатлива за дизајнерот се навезени со флорални апликации на свилена основа.

Градацијата од минималистички крој со чисти и остри линии до романтични транспарентни фустани, е надополнета со накит во богат колорит особено воочлив кај масивните цветни гердани.

 

Објавено:
16 мај 2014
Категорија: 
Колекции