„Оскар де ла Рента“ има колекција создадена за сите типови жени

13 февруари 2019

Во рамки на Њујоршката модна недела и брендот „Оскар де ла Рента“ ја претстави есенската колекција за 2019 година. Модното дуо под чие раководство е креативниот дел на куќата, Лира Ким и Фенрнандо Гарсија создадоа колекција во која ќе се пронајдат сите типови жени.

Нивниот пат во Дубаи, а потоа и во Шпанија, поточно во октомври минатата година во голема мера ќе влијае врз инспирацијата за новата колекција. 

А зошто велиме дека имаат колекција за сите типови жени? Тука не мислиме само на кроевите, кои се застапени за различни конструкции на тело, туку и на естетиката на креациите. Така, од наједноставни и минималистички, се доаѓа до оние каде доминира принтот или тантелата.

Така, колекцијата е составена од парчиња што ја следат линијата на телото, но и од оние што слободно паѓаат, креации со асиметричен или пак строг крој. 

Се внимавало на изгледот на една модерна жена во текот на целиот ден. Ревијата започнува со комбинација од црн комбинезон со широки ногавици и карирана кратка јакна односно палто што лесно може да се вклопи во деловен стајлинг. Истото може да се рече и за волнените фустани со колор-блок комбинации, односно со сив пепито дезен, кои со бела кошула би биле фантастична комбинација во текот на работното време.

Но, дизајнерите не забораваат и на женствената и секси страна на жената, па долгите лелеави креации се совршен избор за некоја свеченост. Мини фустанот со реси и принт што потсетува на шара од луксусен ќилим, или пак црвениот од кадифе што ја нагласува линијата на телото се нешто со што на софистициран начин би го истакнале својот сексапил.

Внимание привлеквуаат и парчињата со везен принт - капути, џемпери, здолништа, во кои точно може да се види егзотичното влијание на Дубаи, но забележливо е присуството и на исламски и на христијански мотиви.

Погледнете ја целосната колекција во продолжение и кажете ни кој е вашиот фаворит.

Објавено:
13 февруари 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
712 пати