Оскар де ла Рента ни покажа ново лице на раскошот

12 септември 2017

Младите дизајнери Лаура Ким и Фернандо Гарсија, сѐ уште поминуваат период на пронаоѓање НЗС откако се на чело на модната луксузна куќа Оскар де ла Рента. Она што до сега можевме да го добиеме како впечаток за нивната работа е дека создаваат еден нов, модернизиран имиџ на брендот.

Модната критика зазема различни страни по однос на ова прашање, но факт е дека иновативните дизајнери го движат брендот паралелно со современиот моден дизајн.

Потписот на Оскар де ла Рента како принт беше присутен речиси на сите парчиња од новата пролет-лето колекција прикажана на Модната недела во Њујорк, но на сметка на тоа неговата лична естетика отсуствуваше.

Наместо тоа, сега Оскар де ла Рента ни понуди еден нов лик на раскошот, идентитет кој и припаѓа многу повеќе на уличната мода. Џинс, килоти во комбинација со спортски маички со натписи, широки сакоа и предимензионирани јакни беа најприсутни во првиот дел од колекцијата, инспирирана пред се од љубовта на големиот дизајнер кон уметноста.

Веќе вториот дел од линијата беше нешто многу поблиску до корените на Оскар де ла Рента. Раскошните фустани кои се синоним за неговиот дизајн, се украсени со светкави детали, здолништата се волуменозни во богат колорит, транспарентни и лесни, раскошни и романтични.

Фото извор:  Luca Tombolini / Indigital.tv / Vogue.com



Објавено:
12 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
336 пати