Панкот се среќава со женственоста во новата колекција на Александар Меквин

7 март 2019

За дизајнерите секогаш е предизвик да направат спој на неспоивото и од тука да произлезе нов, инвентивен дизајн што ќе остави печат на одредена сезона, време, генерација...

Сара Бартон во тој поглед е секогаш инвентивна, успевајќи да ја задржи драматичноста на Александар Меквин, но на таа негова препознатливост да додаде своја визија.

Панкерската естетика не е ништо ново за дизајнот на Меквин, напротив, многу често е инспиративна база за колекциите на британскиот бренд, но во новата колекција за есен-зима 2019, Бартон панкот го соочи со женственоста.

Интересно е да се спомене дека со оваа колекција дизајнерката ѝ оддава почит на богатата англиска традиција во призводство на текстил. Голем дел од парчињата, што инаку се во импресионирачки инвентивни кроеви, се изработени од материјали од кои се изработуваат машки одела.

Бартон во процесот на создавање на стратегијата за новата колекција, ги истражувала фабриките што се во близина на нејзиното родно место, недалеку од Манчестер, а кои произведуваат текстил за изработка на костуми.

Ќе забележите дека во самата колекција се присутни андрогени одела, во асиметрични кроеви, изработени од крути материјали, надополнети со синџири и впечатливи обетки и чокери како модификација инспирирана од панкерскиот животен стил.

 

Објавено:
7 март 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
329 пати