PFW: „Балман“ доминантен на третиот ден

4 март 2016

Третиот ден од модната недела во Париз помина во знакот на бројни познати дизајнери и брендови.
Сепак, некако очекувано, сите очи беа вперени во „Балман“ и сите чекаа да видат што ново ќе донесе Оливие Рустенг.

Но, покрај оваа модна куќа, се зборуваше и за најновата колекција за есен-зима 2016/17 на „Ланван“ и „Клое“.

Во продолжение ви ги претставуваме поединечно:

„Балман“

Новата колекција на брендот е во препознатлива естетика. Реси, секси фустани и одела, но разликата овој пат е што доминираат пастелните бои. Иако се работи за ready-to-wear колекција, луксузната нота сепак не изостанува. Рустенг остана доследен на силуетата, корсетот, нагласените раменици.

Барокот како инспирација е сè уште присутен. Новитет се транспарентните панталони кои одлично се вклопија во оваа негова модна приказна. И покрај тоа што речиси не видовме ништо ново и иновативно од оваа модна куќа, според првите реакции на социјалните мрежи, парчињата на „Балман“ повторно ќе бидат едни од најпосакуваните.

 

„Ланван“

Најновата колекција на „Ланван“ беше без Албер Елбаз. Неговото влијание во извршено во изминатите 14 години не беше сосема изгубено, и покрај тоа што некои сè уште жалат по неговото заминување од челната позиција на модната куќа.

Новата креативна директорка Шамена Камали, се обиде да се надоврзе на неговата естетика. Црниот лакиран капут, присуството на карнерите, брокатниот смокинг со скапоцени камења, се дел од парчињата што секако привлекоа внимание.

Но, уште повеќе внимание привлече накитот, кој ја надополни новата модна приказна на куќата. Choker ѓердание со светкави камчиња и обетки изработени од тенки синџири, совршено се вклопија во моќноста и женственоста што „Ланван“ како бренд секогаш го потенцира во своите колекции. И додека дел од модниот свет смета дека Камали малку залутала во оваа приказна, други сметаат дека ова е ветувачки почеток.

 

„Клое“

Момчешкиот и шик стил на француската авторка Ен Фанс Дутвиле е инспирација за најновата колекција на „Клое“. Модната куќа претстави парчиња што совршено можат да се вклопат во секојдневниот стил на жените, на оние што сакаат да возат велосипед, или можеби мотор (како што и самата авторка практикувала), но и на оние што ја негуваат романтичноста. Во секој случај, оваа колекција може да се нарече совршен пример на разноликоста што ја среќаваме во рамки на street style комбинациите.

Кожените јакни, панталони од една страна, романтичните бохо фустани од друга и волуменозните капути со панталони и здолништа до глужд од трета ги поврзува и широката палета на бои, што уште повеќе ѝ дава свежина и привлечност на колекцијата. 

Објавено:
4 март 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
659 пати