PFW: Најдоброто од седмиот ден

4 октомври 2016

Модната недела во Париз привршува, но не и возбудата. Вчерашниот ден беше резервиран за големи модни имиња. Своите колекции за пролет 2017 ги презентираа „Александар Меквин“, „Ермес“, Стела Мекартни, „Емпорио Армани“, Џамбатиста Вали, „Соња Рикел“.

Во продолжение погледнете како изгледаа нивните ревии:

 

Александар Меквин

Сара Бартон стави акцент на бојата овој пат и Шкотска. За следната пролет понуди многу плетенини и карирани дезени, од една страна, а од друга беа транспарентни фустани од тантела, во комбинација со кратките кожени црни јакни што особено ни го привлекоа вниманието, како и елеци. Дизајнерката го однесе својот тим на остров северно од Шкотска за да го истражуваат традиционалниот начин на изработка на шкотските „крофтери“, локални заедници на произведувачи што изработуваа марами и шалови од волнена тантела векови наназад.

Контрастот на нежната естетика со онаа панк или рок беше застапена во текот на целата колекција, не само преку ткаенините, туку и деталите и модните додатоци. Дел од комбинациите направија моделите на писта да заличат на викиншки принцези. Крајот на ревијата е резервиран за неколку свечени црни креации, што секој би посакал да ги има или барем проба. Иако ова е можеби и малку посуптилна ревија од она што можеби би го очекувале од оваа модна куќа, сепак гледајќи ја ќе се запрашате што од ова би можело да се носи секој ден?


Стела Мекартни

Дизајнерката и овој пат ревијата ја посвети на пренесување на пораката за еко-освестување во модната индустрија. Со силен концепт, таа за пролетната колекција се инспирира од работничката класа. Широки панталони врзани во струк, блузи со широки раменици, комбинезони и комбинезон-фустани најчесто од кепер, беа јасна асоцијација на нејзината инспирација. Вториот дел од ревијата беше резервиран за слични парчиња, но од џинс, „шушкави“ такенини, сатен, тантела, и слично, со што сакала да го прикаже развитокот на оваа работна „униформа“.

Последниот дел пак, го посвети на креациите со принт „Благодарам девојки“, „Сѐ е љубов“, „Без крзно“, „Без кожа“, секако на англиски, за крајот сосема да биде резервиран за „поздравен танц“, односно неформално натпреварување во танц, по што беше и означен официјалниот крај на ревијата.

 

Соња Рикел

Вчерашното шоу на оваа модна куќа беше во целост посветено на дизајнерката чие име го носи, која почина во август годинава на 86 годишна возраст. Со многу емоции и солзи, публиката се потсети на нејзиното творештво и трага во модната индустрија, а на пистата за следната сезона се претставија парчиња инспирирани токму од неа и слободата, бидејќи како велат од брендот, Рикел секогаш се заложувала за слобода во сѐ.

Затоа и не изненадува доминантното присуство на плетенините, светлите бои, ламето... Освен плетенините, беа претставени и „униформи“ во сини нијанси. Речиси сите креации се предимензионирани, уште еден начин да се претстави слободата на телото, да се избега од тесните силуети. Дури и чантите беа предимензионирани. На крајот на шоуто се појавија модели, чии букви на маиците оформија порака: „Рикел засекогаш“ (Rykel Forever).

 

Џамбатиста Вали

Дизајнерот секогаш во центар ја става женственоста во центарот на своите колекции. Така е и овој пат. Женственоста оди рака под рака со романтичноста, па затоа изобилството на тантела и транспарентни ткаенини е сосема логична и оправдана.

Она што се забележува е дека Вали одлучува да го стави и сексапилот на виделина и тоа јасно. Така, долната облека излегува на површина. Не е веќе скриена. Воден од трендовите низ улиците во модните метрополи, дизајнерот се одлучува на похрабар чекор. А за оние жени што сепак сакаат да ја остават фантазијата да работи, тој нуди кошули, палта и фустани со долги ракави и затворено деколте.


Ермес

Француската модна куќа за следната пролет се одлучи за строги линии и колорит. На строгите прави форми им контрираат „заоблените“ форми од 1980-тите, влијание што дизајнерскиот тим го искористи преку широките раменици, набраните панталони...

Во речиси сите креации се забележува тенденцијата за истакната половина, и ремени. Покрај кафените тонови, „Ермес“ за следната пролет предлагаат и пастелно жолти, окер, зелени и фускија. И во оваа модна куќа, како и во повеќето вчера, плететнините го резервираа своето место.

 

Емпорио Армани

Армани претстави колекција со речиси иста естетика како и претходните. Темносината доминира, оделата, панталоните, кроевите речиси исти. Она што беше новитет и ја направи оваа колекција интересна е инспирацијата преземена од Индија.

Тоа го објаснува присуството на сатенски панталони, блузи, фустани, мантили со висок околувратник... Слоновите, цветови и други индиски мотиви се најдоа на префинетите ткаенини и придонесоа за живописност и уникатност на креациите.

Крајот беше резервиран за свечени машки костуми и долги тоалети во истата насока. Според ова, Армани следната сезона ја замислува мистично и егзотично.

Објавено:
4 октомври 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
439 пати